Зеленило на скопските фасади - колку ќе профункционира овој метод?

Ова е фотографија од зграда во Грац во Австрија каде на надворешната фасаа има поставено посебни платформи на кои има засадено дрва, но е поставена и морежа на самата фазада за по неа да може да се качува ползавец.

Ова е навистина вертикално зеленило кое се почесто се спомнува како решение за аерозагадувањето во Скопје.

Се поактуелно е во проектите на новите стамбени и деловни згради во главниот град, инвеститорите да прикажуваат големо количество на вертикално зеленило. Реалноста е дека тоа скоро никогаш го нема, коменираат упатените во темата. 

-Кај нас се прават стаклени згради, кои рефлектираат сонце во околината, и на просторот каде има многу малку дрва, неподносливо е чекање автобус, на пример, вели една скопјанка. 

Според Законот за урбано зеленило, во процесот на урбанистичко планирање, при изработка на Генералниот урбанистички план, потребно е да се обезбеди 25 м2 зеленило по жител.

За градежните парцели пак кои се наоѓаат во градски подрачја каде што не постојат просторни можности за обезбедување на процентот за зелена површина или на локации со веќе изградени објекти може да се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардињери, на кровни тераси и фасади.

Градина од таков тип најавуваат инвеститорите на новиот комплекс „Гранд“ кај Холидеј Ин. Имено, таму се планирани вистински вертикални градини по светски стандарди.

Главните архитекти на проектот неодамна ги претставија зелените вертикални градини кои се предвидени да бидат дел од комплексот. Архитектите истакнаа дека станува збор за прв проект кој ќе вклучува зелени вертикални градини кои покрај тоа што создаваат здрава средина за жителите, ќе придонесуваат за регулирање на влажноста на воздухот, апсорбирање на СО2 и други загадувачи, филтрирање на честичките од прашина, апсорбирање на бучавата, но и редуцирање на потрошувачката на енергија со намалување на температурата на воздухот во летниот период.