„Скопје, ќе бидеш ли радост во 2024 година“ - Оценки за 2023 и новогодишни желби за Новата година

Почист град, побезбедни улици, повеќе зеленило во македонската метропола - ова се главните новогодишни желби за Скопје!

Идеиите и посакувањата и на граѓаните и на јавните личности се исти.

Повеќе паркови, зеленило, почист водух, почист град, повеќе сообраќајна култура! И со право, бидејќи правото на чист воздухот е елементарно право клучно за здравјето, а сообраќајната култура значи поголема безбедност за нас и нашите деца.

Прашавме неколку јавни личности како ја оценуваат годината која изминува и какви се нивните посакувања за градот во претстојната 2024 година!

Ова се нивните одговори за Скопје Инфо:

Горјан Јовановски, еко-активист и советник во Град Скопје

2023 година беше година на тензии, инаетења и слаба соработка помеѓу Советот на Град Скопје, и градоначалничката, а за таа состојба секогаш плаќаат скопјани.

Моја желба за 2024 година е да ние како граѓани кренеме сериозен револт против секоја една институција што не си ја врши сопствената работа: од месна заедница, до општина, Град Скопје, министерства и Влада. На улица, со протести и герила акции, само-организирани од секој поединец. Скопје ќе го заштитиме само со огромен јавен притисок кој не смее да биде оставен само на социјалните медиуми.

Ирена Радовановиќ, новинарка

Ако нешто ја одбележа 2023 година, во однос на градот Скопје, тоа секако е хаосот кој се создаде со јавниот превоз, а кој настана откако градоначалничката Данела Арсовска одлучи да ја прекине соработката со приватните превозници. И наместо скопјани да добијат бесплатен јавен превоз, како што вети Арсовска, добија нередовни, валкани и преполни автобуси, нервозни возачи и патници.

За Нова година посакувам градот Скопје да блесне во новогодишно руво, да биде убаво накитен, да има весела атмосфера на плоштадот Македонија, и ноќта да протече без инциденти.

Посакувам употребата на петарди и пиротехнички средства да биде сведена на минимум. Да се подигне свеста дека петардите и огнометите предизвикуваат стрес, страв, вознемиреност кај кучињата и мачињата.

А за 2024 година, на Скопје му посакувам неговата градоначалничка многу повеќе да се грижи за него, а помалку да води политика. Да се среди јавниот превоз, да се исчисти градот, да се реши сообраќајниот хаос.

Денис Јанкуловски, активист за правата на маргинилизираните категории на граѓани и познато медицинско лице

Иако како по правило децении наназад она што за мене најмногу го одбележува градов е отсуството на човечност, емпатија, хуманост, разбирање, сепак предност ќе дадам на неколку работи кои според мене оставија белег во годинава што изминува. Сигурно дека има уште многу обележја кои заслужуваат простор, но ако треба да набројам неколку тогаш би биле овие: - БЕАМ фестивал, манифестација на која за пвпат беа доделени награди за настани во неколку категории - Скопје е прогласен за град на културата за 2028г, има доста работа за да се оправда ова, се надевам дека сите чинители ќе си ја завршат совесно и одговорно оваа задача - гостувањето на Далибор Талајиќ, родител на аутистично момче, промоција на македонско издание на неговата книга и многу значајно споделување на своите лични искуства во секодневието но и борбата со средината и институциите - концертот во чест на Зафир Хаџиманов - концертот на „Танец“ во чест на Васка Илиева - безбројните успеси на Никола Ѓуретановиќ - 10 годишнотот постоење на инклузивното танцово студио “Dancers united” - претставите, концеретите, перформансите на инклузивните „Театар ПИ“, „Трисомија 21 и Колектив Ветерница“ - секако дека тука би го вброил и самитот на ОБСЕ иако што се однесува до политика не би ставил ништо односно никој не заслужува - секогаш оценката за она што ние како здружение го правиме ја оставам на другите, а бидејќи тие оценки се навистина високи, позитивни и нам битни, затоа тука би го вброил и нашиот инклузивен настан на Школка „Играме заедно пак“ каде на наш необичен начин се вклучуваме во борбата за зголемување на свеста за лицата со атипичен развој, нивно прифаќање, почитување и инклузија во општеството.

Има уште многу индивидуални успеси на спортисти, ученици...Новогодишна желба за градот Уф, мојата новогодишна желба е збир од мал милион, на пример се однесува на подобрување на сето она претходно кажано - отсуство на бетонизацијата, на јавниот превоз, на „заинтересираноста за граѓаните“ на градските власти како на скопско така и на општинско ниво, загаденоста на воздухот и уште пострашно загаденоста на луѓето. За да не испадне дека барам премногу, нека биде една наречена „Инклузија“.

Да има што повеќе инклузивни настани, дружби, работилници, кога ќе се спомне инклузија да не биде тоа само на хартија туку и во пракса. Како човек кој е активист и борец посакувам оваа желба да биде остварена.