Град Скопје на чело со градоначалничката Данела Арсовска повторно се најде среде скандал. Прашањето за клупите кои од исчезнаа од кејот на Вардар го покрена доктор Никола Пановски, кој е советник во Советот на Град Скопје, на што доби низа обвинувања од надлежните од Град Скопје.
Пановски не е прв, ниту единствен кој е засегнат од нетранспарентоста на Град Скопје, реагираат скопјани на социјалните мрежи, а на неотчетноста и неажурноста на Арсовска најмногу реагираат новинарите затоа што досега на сите побарани одговори добиле само игнорирање.
Доктор Пановски за реакцијата од Град Скопје на неговите тези, во која доби низа обвинувања, напади и навреди, вели дека има простор за тужба, но не знае кого да тужи!
- Според содржината на текстот, секако дека има, проблем е што нема потписник на истиот, а медиумот го објавил без потпис (и до сега така примале соопштенија). Имено, автор е Град Скопје!!! Едно 600.000 граѓани!!! Ниту кабинет, ниту сектор, ништо. Очигледно се срамат од тоа што им е издиктирано и наредено да го пратат, како што се срами и порталот што го објави, па ми дадоа потоа неограничен простор пред камера да се изјаснам. Кого да тужам не знам? - вели тој во изјава за Скопје Инфо Пановски.
Претходно Пановски порача дека на скопјани им се потребни избори за нов градоначалник. Го прашавме дали на претстојните избори би можело да се „изведе“ и гласање на нов градоначалник на Град Скопје?
- Би сакал, дури предложив и Советот и градоначалничката, сите да си дадеме оставка и да се искористат изборите. Според упатените навреди од Град Скопје, авторот е познат, пред се за овој став, а не за клупите, такво нешто не е можно, нема ни „о“ од оставка, појаснува Пановски.
Скопјани подолг период се жалат дека штетата од конфликите меѓу партиите во градскиот совет се на штета на градот и жителите. Со ова се согласува и доктор Пановски кој вели дека конфликтот меѓу Арсовска и советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје крајно негативно се одразува врз севкупната работа на градскиот совет.
- Крајно негативно, не само за Советот, туку пред се за скопјаните. Навреди, вулгарности, лаги, инсинуации, главен и неизбежен во говорите на Арсовска е извесен „Мицко“, де го бара каде е, што им наредил, него ли му се јавувате и така, во тој стил. Градоначалничката не доаѓа на советнички прашања веќе девет месеци, сите останати доаѓаат, па се дава пауза за да се најде дотичната, па не се наоѓа. А двете најголеми партии не сакаат да почне седница без неа. Образложението нејзино е дека не сака да слуша навреди од „мицковистите“. Секретарот еднаш рече дека таа е на терен и од граѓаните ги слуша прашањата (во смисла, кој сте вие?)!!! Значи колатерална штета сме ние, кои се трудиме да ги смириме, а еве како мене ми се „заблагодарија“, вели Пановски.
- Имено, откога „пукна тиквата“ летото 2022 година, советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, минус двајца (од ВМРО ДПМНЕ и ГРОМ) лојални на Арсовска, блокираат се предложено од неа, дури и донации. Големите проекти стојат или ужасно доцнат: Универзална сала без потреба доцнеше 2,5 години, кредит за набавка на електрични автобуси, не гласа ни СДСМ заради нивниот проект за брз автобуски превоз, инаку проект кој по двегодишно чување во фиока, е предложен, но ВМРО-ДПМНЕ не го гласа. До таму оди бојкотот што дури и донации едвај поминуваат или не поминуваат од првпат, а образложение зошто не гласаат нема. Така да, на пример од 32 точки на дневен ред за 45та седница на Советот (14.03.2022), половина од точките се по три, четири, па и пет пати ставени на дневен ред и не поминуваат, победничката коалиција во градот Скопје не гласа! - појаснува Пановски за актуелната сосотојба во Советот на Град Скопје.
Го прашавме и дали има нешто позитивно од досегашниот мандат на Арсовска?
- Можеби и имало, но после навредите и обвинувањето дека сум крадец на клупи, сега не ми текнуваат. Позитивно во Советот е што од кавгите со градоначалничката не останува време ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ да се караат меѓусебно, нешто што беше главна карактеристика за време на првата година од манадатов, година за која мислев дека е ужасна, не знаејќи дека следува поголем ужас, ужас без крај, заклучува д-р Пановски.