Зелен Хуман Град: Млаки радијатори, високи сметки, гратис - труење!

Од „Зелен Хуман Град“ алармираат. 

-Во услови кога над три илјади луѓе годишно умираат од загаден воздух, Ковачевски и ЕСМ ги спремаат и ќе ги тестираат топланите Исток и Запад во Скопје да работат на дизе. Топланите немаат поставено филтри за дизел/мазут, а се наоѓаат во густо населено градско подрачје, што значи жителите на Скопје ќе дишат многукратно позагаден воздух, велат оттаму, 

Додаваат дека скопјани не само што многу често се заложници на системите на Топлификација бидејќи не можат да си ги раскинат договорите со нив без да плаќаат паушали поради многу млаките радијатори, а големи сметки, сега ќе треба буквално да бидат труени со дизел поради неспособноста на власта на време да обезбеди доволни количини на гас.

Предлагаат, со само мали измени во Законот за енергетика и Правилникот за обновливи извори на енергија може да се обезбедат големи заштеди и зелена енергија за граѓаните, а тоа е можноста домаќинствата да поставуваат фотоволтаици од 15 kw, правните лица да поставуваат ФВ од 120 kw и вишокот на енергија да им се откупува по фер цена како на индустриските производители, а не да добиваат незначителен надомест.

- Исто така, на покривите на зградите за колективно домување да може да се поставуваат фотоволтаици колку што дозволува кровната површина и електричната енергија да може да ја користат станарите, а не само да биде дозволена енергија за заедничките простории и тоа вкупна инсталирана моќност од 6 kw колку што е моментално дозволено за само едно домаќинство, велат од ЗХГ: 

Наместо да ги спроведуваат овие зелени мерки, властите во спрега со моќниците од енергетиката го монополизираат процесот на добивање зелена енергија и не им оставаат на граѓаните можност сами да си произведуваат енергија. Згора на тоа ги трујат со дизел жителите на еден од најзагадените градови во Европа и во светот, алармираат од иницијативата.