Неколкуте дрвја во Дебар Маало порачаа „Не ме сечете“

Од Зелен хуман град споделија фотографии од  преживеаните дрвја во Дебар Маало откако изминатиот викенд се случи незаконска сеча во овој дел од градот. 

-Изминатиот викенд, во саботата, на празник, без никакво известување на засегнатите станари под чии прозорци се одвиваше масакр врз една од последните зелени површини во Дебар Маало каде што безмилосно се корнеа дрвја кои растеле со децении! Не смее да се дозволи сечење на овие дрвја поради нечиј интерес, порачаа од ЗХГ. 

Оттаму велат дека од Општина Центар не било испратено барање до Град Скопје за сечење на дрвјата. Немало никаква табла за ознака на градилиште, инвеститор, изведувач, ниту информација за какви градежни активности станува збор и се разбира, без никаква согласност на станарите кои живееле до дрвјата, на ул. „Рузвелтова“ бр. 36 во Дебар Маало, Општина Центар. 

И од политичката партија Левица-Центар вчера обвинија дека градоначалникот и општинските служби за викенд и без знаење на граѓаните вршеле непријавена сеча врз една од последните зелени површини во Дебар Маало.