Почна едукативниот карван на „Лајка“

Денес почна едукативниот караван на ЈП Лајка, спроведуван во рамки на проектот „Унапредување на благосостојбата на животните преку волонтерство” под покровителство на Амбасадата на САД во Скопје.

Во рамки на оваа кампања ќе се спроведат над 20 едукации во основните училишта на територија на Скопје. Караванот започна со посета на ОУ Љубен Лапе, во Општина Аеродром, каде со учениците од шесто и седмо одделение низ презентација и отворена дискусија Лајка ги сподели знаењата и искуствата за тоа што подразбира одговорното сопствеништво.

„Животните се свесни и чувствителни битија, кои откако ќе ги вдомиме стануваат дел од нашите семејства. Зошто имаме толку многу бездомни кучиња на улиците?
Зошто е важно да бидеме одговорни и никогаш да не го напуштиме сопствениот миленик? Како да се однесуваме кон бездомните животни на улица? Зошто да се вдоми, место купи куче? Кои се нашите права, но и одговорности како сопственици на миленици? Што значи волонтеризам и придонес кон заедницата? Како секој од нас може да придонесе за намалување на бројот на бездомни кучиња на улиците? Учиме како низ сопствениот пример да се биде поттик на некој друг“, велат од Лајка.

Веруваат дека за решавање на проблемот со бездомните кучиња е важно да се влијае на најмладите, па затоа целта на оваа активност е преку нивна подобрена информираност и едукација се зголеми свесноста за одговорното сопствеништво, за теми како што се ненапуштањето на милениците и соодветната грижа за истите, а преку тоа и да се придонесе кон долгорочно решавање на проблемот со бездомната популација на кучиња во Скопје, но и во земјава.