Лајка: Од тужби и извршители сметката на претпријатието е под постојана блокада

Јавноста е сведок дека речиси нема ден а да нема некој случаен минувач да не е каснат од куче скитник. Оттука се поставува логично прашање како понатаму тече процесот, односно кои се механизми стојат на располагање на граѓаните и која е институцијата која го трпи целиот овој товар. 

За таа цел Скопје инфо се обрати до ЈП Лајка, која е единственото претпријатије формирано од Град Скопје за благостосојба и треман на животните скитници и ги прашавме за овој голем проблем што ги мачи скопјани. Од таму велат дека во последниве 4 месеци, ЈП ЛАЈКА добива во просек околу 36 предмети, односно тужби за надомест на штета од каснување на месечно ниво. Од тука ако го следиме овој просек ќе се дојде до заклучок дека ова ЈП на годишно ниво го тужат речиси 400 граѓани и се одлеваат значителен број од средствата само по основ на добиени тужби.

- “Изненадени сме од фактот да се уште значителен број на лица, и покрај можноста за спогодбено решавање на оштетните побарувања преку Комисија за постапување по барања за надоместок на штета предизвикана од каснувања од бездомни кучиња на граѓани на подрачјето на Град Скопје,сепак се решаваат да тужат, што пак од друга страна резултира само со зголемени трошоци на постапката за град Скопје и ЈП Лајка (парнични трошоци, адвокатски трошоци, трошоци за извршни дејствија, награди како и други трошоци на постапка),“ велат од Лајка.

Од таму додаваат дека веднаш по правосилност на пресудата се преминува на извршување на истата. Средствата кои се одлеваат воопшто не се мали. Во 2021 година од 07ми до 12ти месец од сметката на Лајка прку извршител се наплатени околу 2 милиони денари (главен долг, трошоци и камати), во 2022 година од 1ви до 12ти месец приближно 8 милиони, а за 2023 година тек допрва треба да се направи пресметка. Ваквата ситуација прави ова јавно претпријатие да е под постојана блокада, односно да не може да управува со буџетот или да ги планира приливите или трошоците.

- “Освен тоа, сметаме дека при утврдување и пресметување на оштетата, како од страна на Комисијата, така и од страна на Судот, потребно е повеќе внимание на основаноста на пријавата, дали ги содржи сите предвидени елементи предвидени со постапката за пријавување, дали содржи доволно податоци за конкретниот настан, особено во делот на утврдување дали се работи за бездомно или сопственичко куче. И за крај, најдобро решение е всушност решавањето на проблемот со бездомната популација преку поголма ангажираност на сите чинители на системот. Доколку нема кучиња на улица, ќе нема ни напади врз луѓе, ниту пак простор за лажни пријави за каснување со цел некаква финансиска придобивка,“ посочуваат од Лајка

Од Лајка тврда дека потребно е поинтензивно да се стимулира спогодбеното решавање на оштетните побарувања на граѓаните каснати или нападнати од куче, кое секако е од корист и на двете страни во постапката, односно оштетениот понавремено да ја добие определената сума, а од друга страна ЈП Лајка и Град Скопје да не се изложуваат на дополнителни трошоци, како би можеле што повеќе средства да се насочуваат толку за примарната цел, решавање на проблемот, за општото добро на сите.

- “Лајка, како последната алка од т.н. "системско решение" е целосно посветена на третирање на сите кучиња кои моментално се наоѓаат на јавен простор, со цел да се воспостави контрола на нивната бројност со примена на методот "залови –стерилизирај- вацинирај -врати" како хуман,  ефикасен и економски исплатлив метод кој дава видливи резултати“, велат од Лајка