Јавното претпријатие „Градски паркинг“ неодмана планираше да вовед зонско паркирање во населбите каде што во моментов нема, на пример, во Kисела Вода, како и во делови од Kарпош, Дебар Маало и Буњаковец.
Локации кои „Градски паркинг“ планира да ги претвори во паркиралишта, јавни и зонски, се, на пример, улицата Јуриј Гагарин кај Министерство за економија, каде што секој ден владее голем сообраќаен хаос, поранешен „Дрводекор“, дел од „Kлимент Охридски“, како и локациите со кои порано стопанисуваше центарското претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ во Дебар Маало и во Буњаковец, а потоа му беа поништени поради некомплетни сообраќајни проекти. Во Kисела Вода зонско паркирање е најавено на улиците: Индустриска, Антон Попов, Емил Зола, Иван Kозарев и Вера Јоциќ. Сите овие нови места ќе се водат во третата зелена зона каде што еден час паркирање е 25 денари.
Сепак, како што и досега објаснувале од „Градски паркинг“, најавените предлози не значи дека ќе се реализираат. Потребно е желбите и плановите првин да поминат низа фази и да добијат одобренија.
Доколку ја исполнат својата идеја, тогаш „Градски паркинг“ ќе располага со вкупно 8.717 паркинг-места. Бројките покажуваат дека и покрај затворените паркиралишта лани и годината пред неа, поради низа градежни работи во централното подрачје, сепак претпријатието успева да отвори нови паркиралишта на улиците или да стави во функција објекти, како катната гаража кај „Рамстор“.