Зонското паркирање се проширува речиси низ цело Скопје

Јавното градско претпријатие „Градски паркинг“, годинава, има план да обезбеди нови 668 паркинг-места во целиот град.


Околу 1,8 милион евра изнесуваат вкупните инвестиции, кои, Јавното претпријатие „Градски паркинг“ има намера да ги вложи во нови проекти во текот на оваа година. Од оваа сума, 750.000 евра се наменети за оспособување нови паркинг-места, останатите за набавка на мебел, информатичка опрема, нови софтвери, ГПС-системи, метална ограда и друго.

Нови паркинг-места, предвидено е да се отворат во рамките на затворени паркиралишта кај Македонскиот народен театар, подземните, како и на кејот Димитар Влахов, кај црквата „Пресвета Богородица“. Ќе се воведува зонско паркирање кај „Дрводекор“, како и на улицата Орце Николов, онаму каде што нема.

Исто како и лани, претпријатието не се откажува од воведување зонско паркирање и на 15 локации во Дебар Маало, кои претходно беа во надлежност на општинското претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“, но, исто така, и од проширување на својата работа во цело Скопје, општини во кои сега нема зонско паркирање, а тоа е Водно, Kарпош 1,2,3 и 4, Влае, Ѓорче Петров, Автокоманда, Аеродром, Ново Лисиче и Kисела Вода. Сепак, и покрај нивните планови и наведените локации каде што планираат да воведат паркирање, не значи дека намерите ќе им се остварат.

Тоа што тие го планираат, најпрво треба да им биде дозволено од надлежните органи. Лани, не успеаја во намерите - како поради спорот со ПОЦ, така и поради отпорот на некои градоначалници за наплата на паркирање во нивните општини, како што е на пример градоначалникот на Kарпош, Стевчо Јакимовски.