Весело беше синоќа во центарот на Скопје за дочекот на новата 2024 година

Весело синоќа се дочекуваше Новата година на главниот плоштад „Македонија“. Со музика, но без огномет. 

- Средствата кои вообичаено се издвојуваат за ваков спектакл овојпат ќе одат во хуманитарни цели, а прославата може да мине со музика, соопштија од Град Скопје. 

Инаку скопјани и гостите во градот се забавуваа со неколкучасовна музичка програма за сите генерации и вкусови. 

Комората на музичка индустрија во соработка со Град Скопје организираа новогодишна програма која започна во 20 часот, а траеше се до после полноќ. 

И по лудата ноќ музичка програма ќе има до 7 јануари. 

- Нека новата 2024 година биде посреќна, повесела и побериќетна од претходната. Новата година значи и нов почеток. Почеток и стремеж кон подобро утре со повеќе добри дела и љубов за секого. Нека ни е среќна Новата 2024 година! - се наведува во празничната честитка од Град Скопје.