О2 Иницијатива: Постојан раст на температурата во Скопје и околината во последните 44 години

Од иницијативата „О2“ алармираат за постојаниот раст на температурата во Скопје и околината во последните 44 години.

Ако 1979 год. просечната температура била 11.9°C, 2023 год. е 14°C. Станува сè потопло и потопло.

- Парискиот договор има за цел да го ограничи глобалното затоплување под 2°C, по можност до 1.5°C во однос на прединдустриското ниво (1850–1900). Ние само во изминативе 44 години имаме затоплување од 2.1°C, кое ќе продолжи и понатаму, велат оттаму. 

Од О2 Иницијативата велат дека адаптацијата кон овие промени не ни оди добро, не сме спремни.

- Како ќе произведуваме храна, што и каде со клима која за 25 години се предвидува дека ќе биде како таа на Austin, Тексас? Колку вода ќе има за наводнување, во кои делови од земјава, како ќе се справиме со поројните дождови, сушите, градот, раното цветање на овошките и подоцнежната појава на мраз, болестите?

Покрај емиграцијата и немањето кој да ја обработува земјата, ова се дополнителните проблеми кои ако не ги поставиме како држава и начинот на кој ќе се справиме, за да имаме свое производство на храна, ќе останеме увозно зависни за најосновните продукти, што во нестабилни времиња не е нималку посакувано.

 Колку чиста вода ќе имаме за пиење? До кога со трошењето на огромните колични на вода за тешката индустрија? Трошење на питка вода за пиење за миење на дворот, поливање на нивите, нема да е можно.

Ќе се разбудиме ли? Или и новите избраници кои ќе ја водат земјава и понатаму ќе ги игнорираат овие клучни нешта? - алармираат еко активистите.