Статиката причина за задоцнетото реновирање на објектот на „Карпошово востание“

Еден од првите објекти опфатени со реконструкцијата во рамки на проектот Скопје 2014, објектот кој се наоѓа на плошдатод Карпошово востание, во кој беше сместено Министерството за транспорт и врски, сеуште не е ни близу до финалниот изглед.

Имено, на објектот се почна со работа уште пред повеќе од 3 години, а градежните работи беше предвидено дека ќе траат само половина година. Објектот се реконструира комплетно, за разлика од голем број други згради од проектот Скопје 2014, кои добија нова фасада, на овој објект се реконструира комплетната конструкција и внатрешните инсталации.

Досега се изведени, нов главен влез, приземје со лоби и подигнати се дополнителни два ката. Направено е и зајакнување на бетонските јадра на носечките столбови. Токму зафатот за санација на бетонските јадра се посочува како главен виновник за доцнењето на реконструцкијата. Статиката на објектот не ги задоволувала критериумите, па морало да се направи корекција на првичното решение, што одземало неколку месеци. Надлежните, сеуште не прецизираат колку време ќе биде потребно за финиширање на проектот, но според она што се гледа работите се далеку од она како се очекува да изгледаат.

Фасада со скулптури и релјефи, како и 10 скулптури поставени по должина на објектот во потег од 12 метри, ќе ја красат новата зграда во која освен Министерството за транспорт и врски ќе се сместат и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Државниот инспекторат за транспорт, Државниот комунален инпекторат и Агенцијата за сигурност во железничкиот систем.