Уште еден пешачки мост ќе се гради во центарот на Скопје

Владиниот проект „Скопје 2014“ ќе се прошири со уште еден објект – нов пешачки мост што треба да ги спои кејовите „Димитар Влахов“ и „13-ти Ноември“ во централното градско подрачје. Градот Скопје го распиша Конкурсот за архитектонско – урбанистичко идејно решение за нов пешачки мост што ќе го поврзе просторот кај „Дрводекор“ со новиот плоштад „Пресвета Богородица“. Од архитектите се бара во своите решенија да ги почитуваат програмските барања, да обезбедат изводливост и одржливост на решението,  да гарантираат инвентивност во пристапот на обликувањето и економичност на решението.

Градската власт планира да додели главна награда од 100.000 денари во нето – износ на најуспешното идејно решение, додека второнаградениот труд ќе се стекне со награда од 70.000 денари. Вредноста на третата награда изнесува 50.000 денари, додека Градот Скопје планира и да откупи два труда за кои е подготвен да одвои по 10.000 денари во нето – износ. Заинтересираните автори и архитектонски бироа треба да ги достават своите трудови најдоцна до 4 јули. Членовите на жири – комисијата што ќе одлучуваат при изборот на архитектонско – урбанистичкото решение не се јавно објавени.