Собранието нема да го разгледува предлог- законот за Комунална полиција предложен од Град Скопје

Претседателот на законодавниот дом Талат Џафери за Канал 5 вели дека причината за тоа е што Град Скопје како инсититуција нема ингеренции да биде предлагач на закон, бидејќи е спротивно на собранискиот деловник.

-Точно е дека до собранието е пуштен предлог закон за формирање на комунална полиција.Согласно член 132 од Деловникот на собранието на Република Македонија, право да предлага донесување на закон има секој пратеник во Собранието, Владата и најмалку 10.000 избирачи(овластен предлагач на закон), вели Џафери за Канал 5.

Предлог-законот на Град Скопје е доставен и до Владата. Премиерот Ковачевски, според неговото лично искуство смета дека од ваквиот закон граѓаните можат да имаат бенефит. Тој вели дека МВР кое поседува експертиза и општините би можеле да изготват идеално решение за комунална полиција да добие Скопје кое ќе важи за сите градови во земјава.

-Јас имав прилики да живеам во држави кои во кои што постои комунална полиција, и сметам, како личност која живеела во држави во која постои комуинална полиција и го видов тоа што го прави комуналната полиција, моите лични импресии беа позитивни. Доколку има бенефит, а верувам дека бенефити и ако тие се поголеми од негативните страни, веројатно има и такви, зошто да не биде направен таков закон кој што ќе биде предложен, изјави Ковачевски.

Додека се чека пред пратениците да се најде ваквото законско решение кое се заговара веќе со години, низ скопските улици продолжува нередот и дивеењето. Ниту се почитуваат знаците, ниту пак просторот за пешаци, а не ретко се создаваат и мини депонии, односно сето она што би го спречила евентуална комунална полиција сега е пристуно во главниот град, а истата и граѓаните очекуваат што побргу да се формира.

Оваа слика позади мене ја може да се види низ целиот град, тротоарите и вело-патеките се користат како паркинзи, а граѓаните одат по коловоз носејќи се во опасност.

Градоначалничката пред неколку дена посочи дека вакво системско решение би било клучно за градот, за граѓаните да живеат во чиста, безбедна и здрава средина. Побара институциите што побргу овој предлог-закон да го стават во сила, како што тоа го направија Белград, Тирана, Подгорица и останатите регионални земји.