Пет од шест скопски општини гледаат потреба да се формира градска комунална полиција

Пет од шест контактирани скопски општини гледаат потреба да се формира градска комунална полиција. Аргументите се движат од тоа дека се зависни од МВР, имаат потешкотии за легитимирање, честа мета се на напади, па се’ до недоволна екипираност, мал буџет и ниски казни, пишува порталот „Дома“ во своето најново истражување на тема „Лесно се збаорава ветувањето за комунална полиција“. 

Дел од општинските и градски инспектори се чудат како може казната за сечење тридецениско дрво да биде 50 евра. Укажуваат дека се несразмерни глобите за физички и правни лица, а некои реагираат и дека МВР слабо учествува во делот во Законот за јавна чистота, иако нивните луѓе се најбројни и имаат свои ингеренции. 

Најавувана уште од 2018 година, комунална полиција на Град Скопје остана само на хартија. Предложениот текст за закон за комунална полиција заглави на линија Град Скопје – владини институции и по неуспешната партија пинг-понг, сега идејата чека подобри времиња и политичка волја. Истовремено, градските и општински инспекторати се согласни дека е потребен ваков орган, тврдејќи дека имаат малку луѓе и надлежности, а многу работа на терен со отпад, узурпирање и уништување јавен простор. 

Минувачите и туристите во Скопје тешко можат да избегаат од сликите со преполни контејнери што се „прелеваат“ и со отпад расфрлан низ јавните површини. Често се среќаваат запалени и демолирани садови за отпад. Од друга страна, контејнерите знаат да бидат блокирани од коли на сопственици што „се враќаат за пет минути“. 

Целата истражувачка тема на следниов линк