Комуналната полиција нема да ги реши проблемите во Скопје - Кирил Пржо ги сподели аргументите

Откако минатата недела Град Скопје достави до Собранието и Владата Град Предлог Закон за комунална полиција на Градот Скопје, во пресрет на месеците кога континуирано се бележи зголемено загадување, со свое видување на темава се јави познатиот еко-активист и стручњак од областа на екологијата Кирил Пржо.

Зошто не за комуналната полиција во Скопје?

Предлогот за комуналната полиција нема да ги реши (најголемите) проблемите со животната средина, смета Пржо. 

- Македонија е земја здробена од корупција, па создавање на уште едно тело за корупција, не решава ништо. Кај нас постои лажен став дека треба закон за да се почитува закон, кога всушност ние имаме цивилизациски проблем. Граѓаните во МК имаат многу мала доверба во полицијата, што значи дека со формирање на уште една полиција само се создава можност за појава на нови „локални шерифи“и ширење на проблемот. Истражувањата потврдуваат дека наместо патролирање и казнување на граѓаните, потребно е да се вложи време и ресурси во образование, смета Пржо. 

Тој во својата аргументирана објава додава:

- Комуналната полиција нема да ги реши најголемите проблеми: индустриско загадување, урбанизација и корупција, сеча на шуми, криволов и хаварии - оние ќе влијаат на цел регион. Комунална полиција (во различни форми) се покажала успешна единствено при воведување на ред во места со висока еколошка вредност: езера, крајбрежја, планини...Доколку сака да се реши нешто треба да се вложува во: мониторинг, анализа, спремност на инспекциските служби и барем мало почитување на веќе постоечките закони.