Скопјани, внимавајте - 500 нови електрични тротинети сообраќаат на улиците во Скопје!

Низ улиците на главниот град се возат 500 нови електрични тротинети, кои се дел од проектот на ЈП „Градски паркинг“ - Скопје кој има за цел да го намали загадувањето во Скопје, но и да го олесни патувањето на дел од граѓаните низ градот.

Тротинетите може да се пронајдат на 19 базни станици низ градот, но дел од граѓаните се жалат на социјалните мрежи дека се плашат за својата безбедност поради несовесното возење од страна на лицата кои го користат ова превозно средство.

Само минатата година бројката на незгоди со електрични тротинети изнесуваше 33, но тогаш се користеа помалку вакви возила низ градските улици, додека сега бројката е драстично зголемена со проектот на ЈП „Градски паркинг“.

Иако брзината на електричните тротинети, кои се изнајмуваат, е ограничена, сепак скопјани се жалат дека возачите не ги почитуваат останатите правила и се движат на несоодветна површина со тоа што ја загрозуваат безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.

Да потсетиме, возачите на електричните тротинети се должни да носат и заштитна кацига на главата, а исто така не смеат да превезуваат други лица бидејќи во спротивно ќе платат парична казна од 50 евра. Исто така, следи санкција и доколку се движат со брзина поголема од 6 км/ч по тротоар, пешачка патека или друга површина наменета за движење на пешаците.

Како што објавивме и претходно, француската метропола Париз се откажа од идејата за изнајмување на електрични тротинети минатиот месец, а наскоро најверојатно ќе може да донесеме заклучок колку успешен ќе биде овој проект во Скопје.