Скопјани на печалба во Малта: Во Буџиба може и кафе да се нарача на македонски

Околу 5.000-6.000 Македонци престојуваат на Малта на привремена работа, а нивниот број достигнува и до 10.000 налето, велат, според неофицијална проценка, од заедницата „Македонци во Малта“. Овој медитерански остров во последниве години е сѐ попривлечна дестинација за нашите сограѓани што заминуваат да си ја пробаат среќата надвор од границите на Македонија, пренесува Нова Македонија.

Најчесто работат во градежничката и во угостителската дејност, како келнери, собарки, хигиеничари, во парфимерии и други продавници, како и во фирми поврзани со туризмот.

- Доаѓав во Малта двапати на одмор и третиот пат излезе на неопределено. Работната дозвола ја чекав 8 месеци и од 1 јули годинава почнав да работам во компанија за транспорт и шпедиција, која е дел од групација што има повеќе од 300 вработени - вели 25-годишната скопјанката Магдалена, која на Малта престојува речиси една година и додава дека е задоволна од условите за работа.

По пристигнувањето во оваа островска земја пред околу една година најпрво живеела во Буџиба, градот во кој има најмногу Македонци и во кој по улиците се слуша македонскиот јазик како да сте дома. Таму можете да влезете во кафуле и да нарачате кафе на македонски, велат нашите иселеници. Сега живее во Орми и работи во фирма за шпедиција. Додека ја чекала дозволата за работа, ги нострифицирала дипломите, додипломска и мастер од правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, кои ѝ биле признаени од Националната комисија на Малта за високо и понатамошно образование.

- Македонија ја напуштив бидејќи се разочарав од функционирањето на институциите. Наидов на многу неправди, не можев да си ги валоризирам трудот и дипломите, па решив да си ја побарам среќата надвор од мојата држава. Друга причина е медитеранската клима со повеќе од 300 сончеви денови годишно. За некој што е навикнат на асфалтот во Скопје, тука е рај. Битен фактор е и геополитичката локација. Малта е поблиску од САД, Канада и од Австралија, за неколку часа со авион си дома. Од друга страна, дел е од Европската Унија, и тоа една од земјите со најниски трошоци на живот во ЕУ. Многу полесно ќе дојдете тука отколку во Германија или во Швајцарија. Официјален јазик, покрај малтешкиот, е и англискиот, па полесно се наоѓа работа - вели таа и додава дека единствено ѝ недостига тоа што нема директен лет Скопје-Малта, па мора да се лета преку Софија, Милано, Будимпешта или да се патува со брод преку Италија.

Скопјанецот Кристијан, дипломиран гитарист и музичар во алтернативен рок-бенд, живее на Малта веќе две години. Во моментов е во градот Слиема, каде што работи како агент во компанија што нуди крстосување до помалите острови во оваа земја.

- Направив грешка што отидов токму кога завршуваше туристичката сезона, која трае од март до октомври. Повеќето бизниси овде се поврзани со туризам. Во сезона полесно се наоѓа работа како келнер, бармен, готвач итн. Занаетите што се поврзани со градежништво може да се најдат и во зимскиот период. Останав без работа месец и пол, бидејќи барав нешто што е поврзано со мојата струка. Тогаш не ми беше јасно каков е системот во Малта за неевропски државјани - приоритет имаат прво Малтежаните, па граѓаните од Европската Унија. Работев како градежник иако тоа значеше потенцијална повреда на моите раце, кои се неопходни ако свирите инструмент. Менував повеќе работи, немав константни приходи и не бев среќен, но бев истраен. Со текот на времето стигнав до подобра позиција - раскажува Кристијан.

- Најголемиот дел Македонци живеат со цимери, за да ги поделат трошоците, така е полесно, стига за сè. Една двојка, на пример, заработува вкупно 1.700 евра. Плаќаат 500 евра за стан, 100 за сметки, 200 за јадење за цел месец и им остануваат 900. Од тие 300 да ги трошат за излегување, 600 можат да тргаат настрана. Имам другарки што за неколку месеци со чесна работа, со станување во 4 наутро и враќање во 19 часот купија и автомобили. Многумина прошетаа по други европски држави, бидејќи авионските карти до овие земји се многу евтини - објаснува Магдалена.

Кристијан не е на фиксна плата и вели дека во сезона заработува повеќе од доволно за да може да тргне пари настрана, да излезе и да си купи некое парче облека.

Магдалена, пак, вели дека сосема се приспособила на животот во оваа земја и категорична е дека не сака да се врати дома, освен накратко, да се види со семејството и со малкуте другари што сè уште не ѝ се распрскале по светот.

- Би се вратила накратко, да се видам со роднини и пријатели, да ја изгушкам баба ми што не може да патува кај мене, да каснам симид, леќа, да се изнапијам јогурт и, пак, да се вратам назад. Во Македонија бев незадоволна, немав никаква перспектива. Сосема се приспособив на начинот на живот, не се чувствувам како дојденец ниту како граѓанин од втор ред. Тука има повеќе странци од локалци. Никој не ме гледа попреку затоа што сум дошла од друга држава. Убаво ми е, заработувам, одам на плажа секој втор ден, имам пријатели од цел свет и разбирачка со сите. Не сакам да кубурам, да врзувам месец со месец и да се задоволувам со малку. Сакам да го грабам животот - вели таа.