Што ќе добијат првачињата од скопските градоначалници?

Неколку скопски општини веќе најавија како ќе им помогнат на родителите во пресрет на учебната година. Традиционално, првачињата ќе добиваат парични средства и бесплатен прибор, а дел од градоначалниците најавија дека обезбедиле и бесплатни ранци за идните ученици. 

Каква помош за учениците нудат скопските општини?

Општина Аеродром ќе доделчува еднократна парична помош во износ од 3.500 денари, наменета за секое запишано прваче во училиштата на територија на општината, додека бесплатен таблет уред ќе добие секој ученик од четврто одделение. 

Општина Центар преку општествено одговорни компании ќе додели околу 600 бесплатни ранчиња и училишен прибор за сите првачиња запишани во осумте основни училишта во општината.  

Општина Кисела Вода на околу 650 дечиња од осумте основни училишта кои за првпат ќе седнат во училишните клупи ќе им подари квалитетно анатомско ранче, тетратки и неопходен училишен прибор.

Општина Гази Баба најави дека и годинава ќе ја реализира мерката за доделување на еднократна финансиска поддршка од 3.000 денари за секое семејство кое ќе има запишано прваче. 

Општина Бутел вети дека за секое прваче ќе подари високо квалитетен анатомски ранец со потребен училишен прибор за непречен почеток на учебната година.