Почна санацијата под мостот „Беласица“: Кога ќе може да се вози по него?

Санацијата на мостот „Беласица“ по пожарот е почната. Камион, градежна механизација, работници работат под мостот. Таму се донесени и нови цевки, кои треба да се заменат со опожарените.

Работите ги изведува ЕСМ. Новите цевки, во согласност со одредени процени, треба да бидат поставени до крајот на месецот. Потоа ќе следува проверка и доколку е сѐ во ред – мостот ќе биде пуштен во употреба.

На мостот „Беласица“ нема посериозни оштетувања и затоа нема да биде потребно негово зајакнување, вели во интервју за „Макфакс“ професорот Михаил Гаревски од приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени. Најоптимистички е дека мостот може да се пушти во употреба во септември.

Мостот е затворен за сообраќај веќе четврти месец. На почетокот имаше забрана и за пешаци за потоа да биде дозволено тие да поминуваат, но не и автомобили и тешки товарни возила.