„Најнапаѓана личност“ во Македонија, Данела Арсовска стана претседателка на Нова алтернатива

Конечно она за што долго време се зборуваше во јавноста вчера се оствари. Данела Арсовска застана на чело на Нова Алтернатива, партијата која до вчера беше во коалиција со СДСМ. Конвенцијата во хотелот “Континентал“ во Скопје на која беше официјално претставена Арсовска доби слабо внимание од јавноста каде ја следеа едвај стотина лица. Во првите редови беше забележан генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ но и сопственикот на Инфомакс Александар Митовски и неговата сопруга Наталија која од неодамна стана и генерален секретар на Градот.

Во своето излагање Арсовска даде многу ветувања а ги спомна Преспанскиот договор, договорот со Бугарија и правосудството и корупцијата во Македонија. Рече дека моментално е најнапаѓана личност во Македонија и сите напади врз неа и нејзините соработници се инспирирани од многу страв.

- „Ние имаме луѓе на кои што граѓаните можат да им веруваат. Како нова сила имаме моќ за да влијаеме и да го исполниме тоа што го ветуваме. Затоа ги повикувам сите граѓани да се приклучат. Со непосредни избори во судството, граѓаните ќе може непосредно да го ценат нивниот интегритет и кредибилитет. На овој начин ќе имаме целосна независност. Да имаме луѓе кои ќе одлучуваат без притисоци“, изјави Арсовска.

Таа дополни тека партијата не е веќе во коалиција со СДСМ и дека партиските органи одлучиле да излезат од таа коалиција но и дека ако некој сака да коалицира со нејзината партија има постулати кои треба да се прифатат.