Криволов во Парк-шумата во Гази Баба, ловците се заканувале со огнено оружје и на луѓе

Од граѓанската иницијатива Зелен Хуман Град информираат дека до нив пристигнале информации дека веќе подолг период во паркот на природата во Гази Баба има случаи на криволов.

- Граѓаните кои нѐ контактираа се пожалија дека кога се обиделе на лице место да интервенираат добиле закани од лица со огнено оружје, а кога сакале да пријават, нивните пријави не завршиле со никакви апсења или казни.За паркот на природата Гази Баба се грижи чуварска служба од ЈП Паркови и зеленило, информираат од ЗХГ. 

Велат дека вчера, на седницата на Советот на Град Скопје, ги поставиле следните прашања, но не добиле одговор:

Дали чуварската служба е информирана за овие кривични дела?

Дали досега постапила некако?

Дали побарала асистенција од МВР со оглед дека се работи за вооружени лица?!

Советот вчера ја усвои Програмата за паркот на природата Гази Баба за 2023 г., но во документот недостасуваат клучни активности и индикатори особено од аспект на предвиден инспекциски надзор и заедничко делување со централната власт за да се спречат тешки кривични дела, велат од ЗХГ. 

ЗХГ ги поднесе сите свои забелешки до Секторот за заштита на животната средина и природата на ГрадСкопје и очекуваат во најкус можен рок забелешките да се инкорпорираат.