„Комунална хигиена“ со засилени активности за време на викендот

Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје во текот на изминатиов викенд извршија целосно чистење на патеката крај Кејот на реката Вардар, каде што се одржа интернационалното Дуатлон првенство. На потегот од скопското Кале до хотелот Александар Палас беше спроведено рачно чистење и машинско метење, како и отстранување на непрописно одложениот отпад долж патеката.

-За време на викендот ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје изврши подигнување  и транспорт на речиси 30 кубни метри отпад од повеќе диви депонии лоцирани на улиците 23 Октомври, Крсте Асенов, Рузвелтова, Партизански одреди, Теодосиј Гологанов, Васил Ѓоргов, Ѓорче Петров, Васил Чакаларов и реонот околу Градскиот стадион, во скопските општини Аеродром, Чаир, Карпош, Ѓорче Петров и Центар, соопштија од претпријатието.

Како што соопшти претпријатието, во текот на месецот март од страна на Еко-патролата на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје се изготвени 82 едукативно-информативни записници за лица коишто се затекнати при неправилно одлагање на вкупно 215 кубни метри градежен и кабаст отпад на јавни и сообраќајни површини.