„Црн облак“ од еколошка катастрофа го покри Скопје - „Комунална хигиена“ со 52 едукативни записника ќе го спасува главниот град

Јавното претпријатие „Коминална хигиена“ по секојдневниот надзор и дежурства на дваесетина локации во сите скопски општини, истакна дека е сведок на континуиран и непрописен отпад на јавни и сообраќајни површини.

Токму заради ова, еко-патролата на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“ Скопје изготви вкупно 52 едукативно-информативни записника за лица и правни субјекти коишто се затекнати при неправилно одлагање градежен и кабаст отпад во скопските општини Центар, Карпош, Аеродром, Кисела Вода, Чаир, Бутел и Ѓорче Петров, известуваат од ЈП „Комунална хигиена“ Скопје.

-Воедно, во рамките на тековната седмица, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија приближно 180 кубни метри отпад од повеќе диви депонии лоцирани на улиците „Крсте Асенов“ и „Методија Митевски“ во општината Чаир, на улицата „Алија Авдовиќ“ во општината Гази Баба, како и во непосредна близина на фонтаната во Градскиот парк, се вели во соопштението.