Карамел-колач со ореви

Фил од карамел? Секако дека може. Ако го збогатите со ореви, добивате десерт кој ќе стане неизоставен дел од вашата трпеза. 

Времето кое ќе го посветите на подготовка навистина вреди.

Состојки за тесто:

8 белки
200 гр шеќер
100 гр брашно
15 гр ванилин шеќер
Прстофат сол
Една лажичка екстракт од ванила
Една лажичка сок од лимон
250 гр мелени ореви

Состојки за фил:

300 гр путер
8 жолчки
100 гр шеќер
200 мл млеко
30 гр густин
15 гр ванилин шеќер
Малку екстракт од ванила

За карамел:

300 гр шеќер
100 мл слатка павлака
30 гр путер

Подготовка:

Оревите испечете ги кратко во рерна, па измелете ги. Можете и да го прескокнете овој чекор, во зависност од вашите преференци. Ставете брашно и измешајте. Изматете ги белките, ставете сол, ванилин шеќер, шеќер, екстракт од ванила и сок од лимон, изматете добро до крај и измешајте со смесата со ореви. 

Печете на тава обложена со хартија за печење, на 180 степени, околу 30 минути. Испеченото тесто исечете го на три долгнавести еднакви кори и направете го филот. 

Изматете ги жолчките со ванилата, ставете густин, измешајте и ставете го млекото. Сварете го кремот. Додека се лади, изматете го путерот. Сварениот крем измешајте го со изматениот путер и повторно изматете. 

Стопете го шеќерот и кога ќе потемни ставете слатка павлака. Кога ќе проврие, ставете путер и тргнете го преливот настрана. 

Филувајте на првата кора, ставете карамел, па повторете ја постапката. На крај премачкајте со жолтиот фил и посипете со сецкани ореви. Оставете во фрижидер да се излади најмалку три часа.