Идеја за ручек: Кнедли полнети со мелено месо кои сите ќе ги обожаваат

Време е за ручек, па доколку се уште не знаете што вкусно да направите денес, ние ви носиме една прекрасна идеја која со сигурност сите во домот ќе ја обожаваат. Пробајте кнедли полнети со мелено месо - солената верзија на познатиот десерт.

Состојки: 1 кг компири, 2 јајца, 1 лажичка сол, 3 лажици брашно, 1 кромид, 200 гр мелено месо и 50 гр сланина.

Подготовка: Излупете ги компирите, исечете ги и сварете половина од нив. Сировиот компир изрендајте го на тенко ренде, а истото направете го и со сварениот компир кога малку ќе се излади. Измешајте ги сварените и сировите рендани компири, зачинете ги со сол и бибер, а потоа измешајте ги со брашното и јајцата.

Оставете ја смесата да отстои половина час. Во меѓувреме на загреано масло пропржете го месото со ситно сечканиот кромид и зачинете.

Од смесата направете кнедли и во секоја ставете малку пржено месо. Гответе ги во солена вода околу 25 минути. Послужете ги и по желба посипете ги со пржени парчиња сланина или валкајте ги во презла.