ГАЛЕРИЈА: Положено цвеќе на споменикот на жртвите од земјотресот во Скопје

На Градските гробишта во Бутел, официјални делегации и претставници на институции положија цвеќиња пред споменикот на жртвите од катастрофалниот земјотрес што се случи во 1963 година  и го остави Скопје под урнатини.

 Цвеќиња во спомен на жртвите во катастрофалниот земјотрес положија и официјална делегација на Градот Скопје, составена од градоначалникот Коце Трајановски  и Претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева, делегација на Владата на Република Македонија, делегација на Собранието на Република Македонија, делегација на Советот на Град Скопје, делегација од Министерството за одбрана на РМ, делегации од политичките партии, делегации од сите општини на Град Скопје, делегации од дипломатскиот кор во Македонија и делегации од здруженија на граѓани и други организации.

Цвеќиња положија и делегации на јавните претпријатија и културните установи на Град Скопје и членовите на Црвениот крст, како и припадници на други јавни институции од земјава оддавајќи им почит на жртвите во катастрофалниот земјотрес во далечната 1963 година.

Во ЈУ „Културно информативниот центар“, од 9 до 17 часот ќе се одржи традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на град Скопје и изложба на фотографии.

 Во ЈУ Младинскиот културен центар  во 20 часот ќе почне „МКЦ за Скопје“ - настан со кој ќе се одбележат 53 години од скопскиот катастрофален земјотрес, а ќе биде отворен со изложбата „Скопје 63-Хроника на една катастрофа“ на фотографот Бошко Фржоп (Хрватска), потоа ќе бидат прикажани 5 кратки филмови на скопските режисери Игор Иванов Изи, Вардан Тозија, Даријан Пејовски, Ѓорче Ставревски и Марко Ѓокович.

 Вечер во Музеј на град Скопје, во 20 часот, ќе се одржи изложбата „Скопје 1963- виртуелни изложбени тури“, која ќе ја отвори градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.