Скопје се подготвува цветно и зелено да ја дочека пролетта

Скопското јавно претпријатие „Паркови и зеленило“ со „полни раце работа“ го разубавува градот во пресрет на пролетта. Месецов работните екипи се постојано на терен каде се работи на зелени коридори во главниот град, кои не само што ќе го разубават Скопје, туку ќе придонесат за почист воздух. 

На таков зелен коридор неодамна започна да се работи на улица Бутелска. 

Ново зеленило доби и жардиниера на булеварот 12.Македонска бригада, а нови дрвореди се поставени и на булеварите Илинден и 8-ми Септември. Зеленило доби и булеварот Србија. 

Леите и фигурите во градот се разубавуваат со нов цветен расад од видот љубичица. 

-Садењето на дрвјата е дел од реализацијата на концептот Зелен и чист град за уредување на нови паркови, подигнување на нови зелени површини, сезонски акции за садење на нови квалитетни садници и подигнување на нови дрвореди во Скопје, велат надлежните.  

-Во Скопје секоја година ќе се засадуваат по 100 илјади нови садници, вели градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. 
Надлежните, но самите граѓани упатуваат силен апел за грижа на новото зеленило во градот. 

-Ги поздравувам активностите на надлежните за зелено и цветно Скопје. Убаво е за око, и корисно за здравје. Но мора, и ние самите граѓани, да бидеме свесни да го чуваме тоа што го имаме ако сакаме убава метропола, вели еден скопјанец.