ЕСМ сѐ уште не ја започна санацијата на мостот „Беласица“, се работело за комплексна активност

Сѐ уште е неизвесно уште колку долго скопјани ќе возат по страничните ленти на мостот „Беласица“, затоа што мостот треба целосно да биде пуштен во употреба дури откако ќе заврши санацијата на долниот дел, односно на подлогата на која потоа треба да се монтираат новите топловодни цевки, пишува „Слободен печат“.

Обврска да ја изведе санацијата, како што неодамна соопшти градоначалничката Данела Арсовска, има АД ЕСМ, така било договорено со Град Скопје. Но, зафатот уште не е започнат, затоа што, според ЕСМ, станува збор за комплексна активност.

- Поставувањето на новите цевки на мостот „Беласица“ и подготовката за нивна монтажа е комплексна активност и бара сериозна посветеност и работа. Очекуваме дека набрзо ќе започнат теренските активности при што ќе се вложат максимални напори за санацијата да заврши во најкус можен рок, велат од компанијата.

На прашањето дали тоа што не се поставени цевките на било кој начин влијае врз испораката на топлинска енергија во некои делови на градот, од ЕСМ тврдат дека не.