Сè уште нема абер од поставување на топловодната мрежа под „Беласица“: Скопјани подгответе си топли јамболии и ќебиња?!

Два дена пред почетокот на официјалната грејна сезона во Скопје, нема абер од поставувањето на топловодната мрежа под опожарениот мост „Беласица“.

Додека скопјани се загрижени дали ќе добијат топли радијатори, на самото место нема никакви активности.

Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на денешната прес-конференција рече дека Град Скопје нема никакви договори со ЕСМ и повтори дека тоа е нивна надлежност.

– Поставувањето на топловодната мрежа кај мостот „Беласица“ е надлежност на ЕСМ, како и санацијата од горењето на изолацијата од претходната топловодна мрежа што била таму поставена. Од ЕСМ ме информираа дека навреме ќе ги завршат своите обврски за да се почне навреме со грејната сезона – истакна Арсовска, одговарајќи на новинарско прашање.

Таа додаде дека за да се постават топловодните цевки, потребна е само мала козметичка корекција.

– Предуслов да може да се постават тие топловодни цевки е местото каде што треба да се постават да биде санирано. Невозможно е да има безбедно поставување доколку тоа што било поставено не е санирано. Тоа е, повторувам уште еднаш, само козметичка корекција којашто мора да се направи, не влијае ниту на безбедноста, ниту на сигурноста на инсталацијата којашто ја имаме таму, ниту на самиот мост, изјави Арсовска.

Таа очекува од ЕСМ навремено започнување на санацијата и завршување на нивните обврски на мостот „Беласица“.