ЕСМ: Новиот цевковод под мостот „Беласица“ ќе биде пуштен следниот месец, но тоа нема да влијае врз грејната сезона во Скопје

Новиот цевковод за топлинската енергија кој минува под мостот „Беласица“ ќе биде пуштен во употреба помеѓу крајот на ноември и почетокот на декември, но тоа нема да влијае врз новата грејна сезона во Скопје која почнува в недела на 15 октомври, уверува Александра Маројевиќ, помошник директор на ЕСМ за производство, дистрибувија и снабдување со топлинска енергија. Таа за „А1он“ истакна дека засега се работат подготвителни работи и со Град Скопје е постигнат договор за се.

Како што најави Маројевиќ, наскоро ќе се излезе и на терен за да се почне со замена на цевководот.

– Работиме подготвителни работи. Со Градот Скопје е постигнат договор, само се прават некои дополнителни активности во однос на некои набавки и многу брзо ќе излеземе на терен. Кога ќе излеземе на терен, ќе дадеме проценка кога ќе биде тој цевковод пуштен во употреба. По моја проценка тој би бил во функција помеѓу крајот на месец ноември и почетокот на декември – рече Маројевиќ.

Таа додаде дека поради тоа што мостот ќе биде пуштен подоцна, граѓаните нема да го осетат тоа на своите сметки за парно греење, односно цените ќе останат исти како што пред некој ден најави претседастелот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски.

- Скопје ќе има парно греење, никогаш тоа не било доведено во прашање. Она на што инсистира РКЕ е тоа да биде по далеку пониски трошоци и РКЕ од тоа нема да отстапи. Скопје и со постојната инфраструктура што ја има со двете топлани Исток и Запад без кој било цевковод може да се снабдува со топлинска енергија и ќе нема никаков проблем во однос на снабдувањето со топлинска енергија. Поентата на сето тоа на што ние реагираме е што е можно повеќе топлинска енергија да ни дојде од ТЕ-ТО за да ги намалиме трошоците на целокупниот систем, рече Бислимоски.

Нагласи дека ТЕ-ТО дава топлинска енергија која што е со пониска цена за два и пол до три пати отколку цената на топланите Исток и Запад.

- И да не работи ТЕ-ТО, тоа ќе биде проблем на ЕСМ, и нема тоа да биде вкалкулирано во пресметките. Ако носиме одлука за цена дали е помал цевковод или поголем не не’ интересира. Ние во калкулациите ќе влеземе дека од ТЕ-ТО ќе се добие 60 до 70 проценти од топлинската енергија за да ја сочуваме ценовната стабилност. Зголемените трошоци во однос на тоа се разбира дека ќе си одат на тој којшто има проблеми да го реализира, вели Бислимоски.