Вработување во јавна администрација без IQ тест и сертификат за Англиски јазик- ова се новите правила

Наместо едно ниво како до сега, на интерни огласи во јавната администрација ќе може да се добива унапредување наеднаш за неколку места погоре.

Ова се дел од измените на законот за административни службеници што ги предлага министерот Дамјан Манчевски во делот на јавната администрација. Причината, како што објаснуваат во министерството за инаформатичко општество и администрација, унапредувањето за само едно ниво не дава можност во администрацијата кариера да градат службениците кои подолго време се најниските нивоа во рамките на категоријата.

Во објаснувањето нема дали едноставно ќе се укине унапредувањто за едно место нагоре со што ќе се отвори слободна проценка на министерот, директорот или раководителот кого треба да унапреди и за колку места или пак, сепак ќе има некакви рамки кога и за колку звања ќе може да се оди напред во кариерата.

За поранешната министерка Марта Томовска Арсовска во чие време беше воведен системот за унапредување по заслуги решенијата се апсурдни.

Според предложените решенија, ќе се укинуваат и тестот за интелектуален капацитет и тестот за личност кои се прават при вработување во јавната администрација, како и меѓународните сертификати за познавање на странски јазик  што треба да се приложат при вработување или унапредување.  Во министерството за администрација сметаат дека тестовите само ја усложнуваат постапката за вработување, додека сертификатите се финансиско оптоварување за кандидатот.

Поранешната министерка, пак, вели дека ваквиот систем за влез во јавната администрација е направен по барање на Брисел и биле дел од реформите за професионализација на администрацијата.

Според плановите на министерството, конкретните излезени треба да бидат преточени во закон до 8 септември.