МОН масовно вработува низ училиштата во Македонија

Во текот на вчерашниот ден, заради непречено одвивање на наставниот процес, одобрени се нови вработувања во повеќе училишта во Македонија.

Така, учениците во општина Дебар ќе добијат можност да ја следат наставата на македонски јазик во порастоварени училници бидејќи е одобрено ново вработување на одделенски наставник. Учениците Албанци од Куманово првпат ќе добијат можност да учат солфеж на својот мајчин јазик во музичкото училишта „Панче Пешев“, а учениците од прво одделение во училиштето „Братство“ во општина Карпош наставата ќе ја следат во помали одделенија бидејќи одобрено е ангажирање дополнителен број наставници.

Исто така, и во училиштата во општина Аеродром се одобрени дополнителни вработувања со цел да се овозможи целодневна настава, односно дополнителен престој на учениците во основните училишта „Браќа Миладиновци“, „Блаже Конески“ и  „Лазо Ангеловски“. Нови вработувања, покрај тоа, се одобрени во основното училиште „Дитурија“ во Сарај, во „Димитар Беровски“ во Ѓорче Петров, „Лирија“ и „Истикбал“ во Тетово, во „Васил Главинов“ во Велес, во „Живко Брајковски“ во Бутел, во „Маршал Тито“ и во „Сандо Масев“ во Струмица, во „Гоце Делчев“ во Вељуса, основното училиште „Кочо Рацин“ во Куманово, во основното училиште „Браќа Миладиновци“ во Пробиштип, во „Фаик Коница“ во Липково, за настава на турски јазик во „Тефејуз“ во Чаир, во „Крум Тошев“ во Гази Баба и други.

Во однос на средните училишта, за Спортската академија е одобрено дополнително финансирање на дисперзираните студии во Тетово, Прилеп, Охрид, Штип и во Битола. Одобрено е и доекипирање на наставниот кадар во средното училише во Сарај и во средното училиште „Шаип Јусуф“ во Шуто Оризари.