Училишни ковид-протоколи: Наместо љубезно ,,Добро утро" слушаш хистеричен крик ,,Стави маска"

 

Веќе втор месец учениците ширум земјава седат по речиси половина ден под маски. Медицински маски кои треба да ги заштитат од корона вирус, но во исто време да бидат сконцентрирани на наставата, реагираат голем број наставници и родители на социјалните мрежи. 

Нивните напори да се олеснат овие мерки, по примерот на олеснувањата во речиси сите други сфери во општеството, некако остануваат неслушнати и не проценети, па така, како што велат родителите, голготата во образовните установи продолжува. 

Ксенија Граматикова, која е наставничка, сподели свој став во врска со оваа тема. 

-Наизглед се е нормално. Се функционира... животот тече. Луѓето функционираат, се шопингува, се веселат по кафани, музика до сабајле. Нема потреба од сертификати, нема ограничувања. До кога??!! Каде??!! Дали вие што немате деца во училиште знаете како изгледа еден наш работен, а за децата училишен ден. Со вперен топломер во чело на ученикот кој покажува иста температура како и една обична тетратка. Важно е нешто друго, не е телесната температура. Од влез па до 13 часот носење маски. Потенцирам во училиштата, никаде на друго место не е толку строго. Наместо љубезно ,,Добро утро" слушаш хистеричен крик ,,Стави маска", пишува таа во својата објава на фејсбук. 

-Имам измешани чувства. Што сум јас,наставник, медицинска сестра, хигиеничар или ништо од тоа туку обична фигура недефинирана. Која е улогата на наставникот во училиштето. Дали сеуште имаме воспитно-образовна функција. Ни едното ни другото.Наспроти една распашена кампања каде никој не носи маска протоколите важат само во училиштата. Колеги, родители зарем тоа не ви смета. Зарем сето ова така рамнодушно ќе го прифатите. Зарем ненормалното го прифативте како нормално. Ако е така, дијаметрално сме различни, констатира таа. 

На нејзиниот став се надоврза и еден родител кој коментираше:

-Децата навистина се за жалење,маските им паѓаат на земја-под, некој си ги менуваат меѓу себе па се прашувам, во парк си играат без маски и...каде сте родителити!