Д-р Даниловски кон министерот Сали: Имате ингеренции, ковид протоколите да бидат законска обврска

Од пожелен и поканет член во Комисијата за заразни болести или тимот советници до некој, „кој не е спремен да се справи со реалноста“ и кој дава „несериозни изјави опасни за општеството“ - вака познатиот доктор епидемиолог Драган Даниловски ја почна својата објава на фејсбук, откако беше прозван од медиумите и министерот за здравство, Беким Сали. 

- Не сум бил спремен да се справам со реалноста!? Јас – токму затоа што ја согледувам реалноста - со име и презиме (а не затскриен и покриен зад било какво тело, комисија, колективитет, партија), две години – волонтерски - се трудам да помогнам да се оптимизира курсот на мерките против пандемијава! Не носи ли тоа неспоредливо поголема одговорност? Јас немам апетити, амбиции, ниту за кариера, ниту за лична промоција! Само се обидувам да помогнам безусловно!  - пишува Даниловски, кој во текот на целата епидемија е активен со совети и препораки. 

-Секое тврдење дека протокол (упатство) постои, можеби се однесува само на некаков интерен протокол, кој не ги обврзува здравствените установи да го применуваат! Клиниката за инфективни болести направила протокол? Во ред! Се почитува ли тој протокол од страна на сите здравствени установи во државата? Не! Зошто? Затоа што нема сила на законска обврска! И нешто многу важно... Има ли протокол за третман на КОВИД-19 од страна на матичните доктори? Нема!, констатира докторот. 

На крајот Д-р Даниловски со порака кон министерот Сали: 

Значи, неопходно е да се изготви протокол и за амбулантски третман на болни од КОВИД-19! За да се почитуваат тие протоколи, господине Министре, подигнете ги на ниво на законска обврска! Направете ги подзаконски акти! Имате ингеренции за тоа. Членот 27, став 1 на Законот за здравствена заштита е недвосмислен!