Дали задолжителното носење маски во училиштата ќе премине во право на избор на родителите - ќе се знае денеска

Комисијата за заразни болести, според најавите, денеска ќе одржи состанок, на кој ќе се расправа за епидемиолошката состојба со КОВИД-19 во земјава.

Дали задолжителното носење маски во училиштата ќе премине во право на избор на родителите? Ова е една од точките за кои ќе се разговара денеска, откако скринингот покажа дека нема широка распространетост на вирусот во образовните установи.

Од над 2.000 тестирани помалку од 1 процент ученици биле позитивни. 

Последните податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажуваат дека во државава се активни 3431 Ковид случај, од кои 1840 се во Скопје.

Од ИЈЗ вчера информираа дека се намалува бројот на заразени, починати и хоспитализирани од Ковид-19. Минатата недела регистрирани сe 3.702 нови позитивни случаи, што е намалување од 39,5 отсто во однос на претходната седмица. Процентот на позитивност се движел од 13,1 отсто до 24,2 отсто, просечно 18,6 отсто.

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, во периодот од 21 до 27 февруари тестирани се вкупно 19.217 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 17,9 отсто во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.975; 53,3 отсто), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 394,1/100.000, Скопје – 311,4/100.000 и Гевгелија – 285,3/100.000.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60г (n=951, 25,7 отсто). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (n=194; 5,2 отсто).

Во однос на претходната недела, се бележи намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, а најмногу од 43,6 отсто во возрасната група од 10-19 години и 43,5 отсто кај лицата на возраст од 50-59 години.

Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 6 094 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 543 реинфекции, од кои една е втора реинфекција, со намалување за 37,2 отсто  во однос на претходната недела. Пријавени се 68 смртни случаи во 19 градови, за 45,6 отсто помалку во однос на претходната недела.