Скопјани нема да смрзнуваат - Набавен гас за топланите за декември

 Испораката на топлинска енергија во Скопје ќе продолжи непречено, ветува АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) откако вчера објави дека за цел декември е обезбеден природен гас од „Макпетрол пром – гас“ и топлинска енергија од ТЕ-ТО. ЕСМ од вчера го презеде управувањето и со топланата Скопје Север со што се обезбедува затоплување и на граѓаните, институциите, градинките и училиштата во општините Чаир и Бутел.

АД Скопје Север вчера го потпиша Договорот за деловно-техничка соработка  со ЕСМ, која, пак, со наменски добиени средства од Буџетот вчера попладне изврши плаќање на потребните количини гас кај добавувачот на АД Скопје Север, МАКПЕТРОЛ ПРОМ-ГАС.

-Договорот е потпишан и од АД Скопје Север и од сопственикот АД Топлификација во стечај и дадени се гаранции за средствата кои ќе бидат вложени од страна на АД ЕСМ во текот на оваа грејна сезона. Исто така, АД ЕСМ преку свој прокурист и врзан потпис ќе го контролира работењето и исплатите од акционерското друштво корисник на средствата, соопшти АД ЕСМ.

По официјалната објава од ЕСМ дека за декември е обезбеден природен гас од „Макпетрол пром – гас“ и топлинска енергија од ТЕ-ТО состојбата со испораката на топлинска енергија ја коментираше и премиерот, според кој, се демантирале објавите дека од денеска ќе нема парно за скопјани бидејќи не бил склучен договор за нова набавка на гас.

-Пред три дена ЕСМ имаше склучено договор за набавка на гас од „Макпетрол“ и за цел декември е обезбедно затоплување на градот Скопје, рече Ковачевски, потенцирајќи дека Владата има обврска да обезбеди затоплување на граѓаните на Град Скопје за да може да се загреат и да не дојде до пад на електродиструбутивната мрежа.

На терен вчера официјално беа завршени градежните работи на гасоводната делница Неготино-Кавадарци-Битола, во должина од 92 километари, а на тој  крак се очекува од наредната година да стартува и спојување со интерконекторот со Грција.

За гасификацијата, за следната година со буџетот на Министерството за транспорт и врски се предвидени 105 милиони денари.