Минатото, непресушна тема на животните приказни, сеќавања, чувства. Нема личност која нема зад себе некакво минато. Тоа може да биде убаво, помалку убаво, болно, поучно, полно со искуства, но како и да е, го носите во себе во секој момент од сегашниот живот.
Сите делови од минатото кои останале во сенка, кога-тогаш излегуваат на површина. Од нив можете накратко да побегнете, сè додека некој звук, мирис, слика, личност или случка не ве потсети на сето она што сте го потиснувале. Која е таа доба од својот живот која сте ја поттиснале и скриле далеку од очите на другите, но пред сè далеку од себе? Дали е тоа детството, младоста или некои подоцнежни години? За која доба и да се работи, важно е да сте мирни и во хармонија со тој период?
Ако споменот на тој период ви предизвикува различни мисли во главата, кнедла во грлото, грч во стомакот или ви се јавуваат солзи, тага, лутина и срам, сосема е веројатно дека некој дел од вас стои во минатото, скриен некаде во агол и чека да го погледнете. Можеби е тешко да го погледнете тоа минато време затоа што е полно со тага, осаменост, болка, тешки ситуации, неразбирања, загуби и вие и натаму стоите во тој мрак. Многу велат дека нема смисла да се гледа во тие работи, затоа што и онака е минато и не може ништо да се стори. Но, сè додека има влијание на вашиот сегашен живот, вашите сегашни чувства и одлуки, очигледно е дека не е само минато и дека постои и во сегашноста.
За среќа, има што да се направи, иако минатото не може да се врати и да се промени, но токму сега и тука можете да ја погледнете ситуацијата и тоа со сосема поинакви очи.
Сосема е веројатно дека чекате некој да дојде и да ве спаси од минатото. Токму од тие причини многумина влегуваат во врски во кои чекаат да дојде некој посебен, некој чија љубов ќе избрише сè. И можеби и ќе дојде тој некој посебен, но и таа личност нема да може тоа да го избрише и промени. Тоа е ваша задача кон самите себе.