Разиграно лето: 25 активности во кои ќе уживаат децата, но и родителите

Летниот распуст неодамна започна и децата со воодушевување го дочекаа и му се израдуваа. Слободното време и времето за игра е она на што најмногу му се радуваат, но иако се доста креативни многу брзо ги „трошат“ идеите како да го пополнат времето во долгите летни денови.

Има многу начини како квалитетно да се пополни слободното време во кое ќе ужива секое дете, но и родителите ако му се придружат. Зависно од временските услови, активностите можете да ги приспособите за во надворешни услови или за во домашни услови.

Воедно сите активности од следнава листа се осмислени да го поттикнат целокупниот развој на детето – од развој на груба и фина моторика, поттикнување на психоемоционален развој, когнитивни способности, па сѐ до поттикнување на креативно изразување.

Одберете некои од овие активности.

  1. Направете домашна пица. Дозволете им на децата да придонесат во изработката на тестото, во редењето на пицата со здрави намирници за кои ќе научат нешто повеќе. Ем ќе развиваат фина моторика, ем ќе научат како се подготвува пица, ем ќе добијат вкусен ручек или вечера.
  2. Поставете шатор во собата. Ова е добра идеја за врнежливите летни денови. Било да станува збор за вистински шатор или за импровизиран од платно и столици каков што ние некогаш сме правеле, ќе бидат окупирани со часови добра забава додека надвор истура дожд.
  3. Преуредете ја детската соба или неговото катче. Дури и детаљ ќе го промени целосниот впечаток на собата, а при изборот имајте ги на ум неговите желби и возраста.
  4. Одгледувајте цвеќиња на балконот или во дворот. Засадете мали цвеќиња или посејте семе. Задачата на детето нека биде полевањето и грижата за цвеќињата цело лето. Ако не оди сѐ по планот, не грижете се. Мора да му дозволите на детето и да погреши.
  5. Организирајте вечер на друштвени игри. Бирајте игри кои се во согласност со годините на детето.
  6. Посетете парк во кој сѐ уште никогаш не сте биле.
  7. Припремете ќебе, топка, сендвичи и овошје и сокче и отидете на вистински пикник. Не е важна локацијата дали е градски парк, на некоја ливада или на село. Детето ќе ужива во промената на рутината.
  8. Барем секој втор ден прочитајте со детето едно поглавје од лектира, раскажете го и разменете мислење за прочитаното.
  9. Направете здрав домашен сладолед имајќи ги на ум омилените вкусови на детето. Заедно направете го, ставете го во калапчиња и купете корнети за кога ќе замрзне да формирате топки во корнетите.
  10. Одберете една нова вештина која ќе се обидете да ја совладате до крајот на летото заедно со детето. На пример возење тротинет или возење велосипед.
  11. Пуштајте змеј. Само внимавајте да одберете доволно ветровит ден.
  12. Изработете куќичка за птици. Дали ќе ја направите целосно вие или ќе купите готова изработена па само ќе ја декорирате е сосема неважно. Она што е важно е дека ќе се забавувате и ќе направите добро дело за птиците.
  13. Ако сте на плажа, соберете што повеќе школки па кога ќе се вратите дома направете некој украс од нив.
  14. Одберете рута и заедно возете велосипеди. Ако детето сѐ уште не ја совладало вештината за возење велосипед, летото  е идеално време да ја совлада.
  15. Натпреварувајте се во фрлање камчиња, во река, езеро или во море и забележувајте кој успеал да фрли најдалеку.
  16. Одржете натпревар во вртење хула -хоп, скокање на јаже, куглање...
  17. Легнете на трева и набљудувајте ги облаците. Доделете им облици на кои вас најмногу ви личат и ве потсетуваат.
  18. Организирајте спортски активности за детето и за неговите пријатели во својот двор или во блискиот парк. Бадминтон, фудбал, одбојка... изборот е голем.
  19. Изработете авиончиња од хартија и натпреварувајте се кој највисоко ќе полета.
  20. Барем еднаш за време на летниот распуст овозможете му на детето да преспие кај најдобриот пријател или вие биде домаќини на некое негово другарче.
  21. Набавете обична бела маичка (или на некоја постара бела маичка) и неколку бои за ткаенина и на супер забавен начин детето ќе може да наслика нешто свое уникатно на неа, а воедно и да ужива во боењето.
  22. За време на најголемите горештини приредете водена забава во дворот или на терасата. Она што ви е потребно е неколку пиштоли на вода, прскалки и балони со вода и забавата може да започне.
  23. Кога сме веќе кај водата, поиграјте си и со мразот. Објаснете му го на детето процесот на мрзнење на водата, а потоа во калапи за правење мраз со малку вода замрзнете овошје и гумени бонбони за попладневна ужинка.
  24. Одлична летна занаимација е цртање стрип во кој детето со помош на цртеж ќе ги изрази своите емоции и успешно ќе долови како го поминало летниот распуст.
  25. Распрашајте се за активности за деца во вашиот град. Многу градови нудат бесплатни работилници и групни спортови за деца за време на летниот распуст.