Престанете да ги прашувате луѓето кога ќе имаат деца!

Сите знаеме колку е напорно кога некој, дури и со најдобри намери, ве прашува: „Кога ќе биде свадбата?“, „Кога децата?“

Никој не сака да одговара на вакви прашања, а да не зборуваме што е ужасно непристојно да се поставуваат, особено кога не знаете речиси ништо за животот на другите луѓе и нивните маки.

Прашањето за врската, бракот и потомството е апсолутна интимна работа, како што се и религијата и политичката определба. Не сте должни да зборувате за тоа и никој никогаш не би требало да ве прашува за тоа.

Сепак, многумина го поставуваат ова прашање и тоа онака попатно, како што прашуваат за здравјето. Така несвесно доведуваат други луѓе во непријатна ситуација и ја загрозуваат нивната интима.

Последниве неколку години овие прашања се се’ почести дури и на разговорите за работа, а тоа е дополнителен извор на фрустрации особено кај жените, на кои овие прашања почесто им се поставуваат.

За осудите и прекорните изгледи кога ќе изразите став за овие теми нема ни да почнеме да зборуваме.

Колку и да мислите дека некого познавате добро, вие никогаш навистина не можете да знаете ништо за нивниот личен живот, за евентуалните проблеми со кои луѓето секојдневно се соочуваат. Со ова наизглед наивно прашање, лесно можете да ставите некој на мака, затоа што некој можеби од здравствени или други проблеми не може да има деца, а можеби не сака да има деца и никој не е должен да го открие тоа.

Кога некому лепите етикети дека е себичен затоа не сака или нема потомство, „иако веќе им е време“, директно се мешате во нешто што апсолутно не е ваша работа, ниту пак некој го бара вашето мислење за тоа.

Врската, бракот или потомството се работи кои се лични и никому не треба да биде грижа за тоа. Затоа еднаш засекогаш престанете да ги поставувате овие прашања.

Тоа е едно од основните права на секоја возрасна личност – да го живее својот живот онака како што мисли дека е најдобро и како што сака, без некој да и се меша и да и ја преиспитува.

 

Следниот пат гризнете си го јазикот кога без размислување ќе почнете некого да давите со вакви прашања. Во спротивно и самите ќе добиете етикета  дека сте безобзирни, безобразни и непристојни личности кои се занимаваат со туѓите животи наместо со своите.