Печени пица-крофни

Крофните можат да бидат и печени и солени, а уште ако имаат вкус на пица, не можете да погрешите. 

За тесто:

450 гр брашно
270 мл млака вода
40 мл маслиново масло
Една и пол лажичка сол
Пола лажичка прашок за пециво
Кесичка сув квасец
Малку шеќер
Сос од домати, оригано, шунка, сирење, туна...

Подготовка:

Измешајте ги состојките за тесто, месете добро околу пет минути и оставете да стаса. Подгответе ги тавите за печење со хартија, без да додавате масло или путер. 

Повторно измесете го тестото, поделете го на неколку еднакви делови, па редете ги еден врз друг, со премачкување со маслиново масло меѓу редовите. Рассукајте повторно, преклопете еднаш, па од рассуканата кора со дебелина од еден сантиметар вадете кругови и отстранете го средишниот дел со мала чашка. 

Наредете во тавата, премачкајте со доматен сос и врз нив ставете од состојките кои сакате да ги користите (шунка, туна, сирење, кашкавал, оригано...)

Печете околу половина час во претходно загреана рерна на 200 степени. По потреба намалете ја температурата или скратете го времето за печење.