Нема доволно кадар, нема хидранти, нема вода, ова се проблемите со кои се соочуваат пожарникарите

Денешниот пожар го гасеа 24 пожарникари со девет возила. Она на што забележа новинарите е немањето на доволен број на хидранти кои се едвај достапни за ваквите ситуации. Командирот на пожарникарите Звонко Томевски вели дека никогаш не се потпираат на хидрантите и тие секогаш се трудат да донесат вода на местото на пожарот во координација до „Комунална хигиена“ и „Водовод“.

„Во 9.50 минути примена е дојава за настанат пожар во универзална сала. Веднаш беа испратени две противпожарни возила од блискиот центар во населбата Тафталиџе, коишто уште при доаѓањето забележаа висок столб на чад и веднаш побараа дополнителна помош. Вкупно интервениравме со девет противпожарни возила со 24 пожарникари. За релативно кратко време благодарение на пожртвуваноста на колегите пожарот беше ставен под контрола, иако имавме висока температура во самиот објект“ – рече Томевски.

Причините сѐ уште не се знаат, а ќе ги утврди полициска екипа надлежна за тоа. Нема повредени, поради тоа што во моментот немало работници внатре. Некои од околните жители се пожалиле на вдушување чад, затоа што поради високата температура, биле зафатени и некои ролетни, но повредени нема. Штетата не може да се утврди затоа што не се знае сѐ уште што имало внатре.

„За жал тоа е стара болка. Хидрантската мрежа, ние такаречено никогаш не се потпираме на нејзе. Секогаш се трудиме да донесеме вода, на местото, како средство за гасење за да биде што поефикасни. Така и денеска се организиравме со „Комунална хигиена“ и „Водовод“, проблемите се тие константни“ рече Томевски.

Тој истакна дека може да имаме вода колку сакаме но уште поголем е проблемот со недостиг на пожарникари, затоа што само 40 отсто од работните места се пополнети, нема доволно луѓе а следува летната сезона каде има пожари. Апелираше до властите, што побрзо да се вработат нови пожарникари.