Над 500 домашни и странски тркачи ќе учествуваат во трката Водно-Матка Треилс

Еднодневен спортски настан – трка во планинско трчање ќе се одржи денеска на релација Водно-Матка Треилс. Настанот всушност е составен од три трки – Водно – Матка што е со должина од 40 километри, Водно Треил со должина од 27 километри и Водно ИзиРан – трка долга 10 километри.

Трките се одвиваат во околината на Скопје – на падините на планината Водно и во кањонот Матка, област која изобилува со природни реткости и културни споменици од минатото.

Во организација на Здружението за планинско трчање „ТРЕКС“ од Скопје, петта година по ред се организира трката Водно-Матка Треилс, која годинава е под покровителство на Град Скопје, а генерален спонзор Халкбанк АД Скопје.

Водно – Матка Треил Маратонот е планинска трка која води низ најубавите шумски појаси на планината Водно и кањонот Матка. Оваа трка која е со висинска разлика од 2700 метри и води угоре-удолу се’ до Кањонот Матка и назад и е препорачана за искусни ултра-тркачи, со солидна физичка и ментална кондиција потребна за да го завршат овој тежок треил предизвик.

Водно Треил е средната, средно-лесна планинска трка, со 1360 метри висинска разлика, препорачана за тркачите кои се во добра физичка кондиција.

Најкусата трка е Водно ИзиРан која е идеална за рекреативци кои сакаат да ги направат првите чекори во планинското трчање како и за семејствата и пријателите на оние тркачи кои ќе трчаат на подолгите дистанци. За разлика од претходните две трки кои се отворени само за лица над 18 години, оваа трка е отворена е и за јуниори од 13+ години. Трката e со 630 метри искачување и води до Врв Водно и назад до Средно Водно, кое е почетна и крајна точка за сите три трки.

Во годинешниот Водно-Матка Треилс, како што најавија организаторите, учество ќе земат над 500 тркачи, меѓу кои и учесници од други земји – Србија, Грција, Бугарија, Косово, Албанија, но и од Велика Британија, Полска, Турција, Унгарија, Германија, Холандија, Шведска, Шпанија, Словенија и други.