ЈСП како арена на физички пресметки помеѓу средношколците, главен мотив е етничката припадност

Физичко насилство помеѓу средношколци, мотивирано на етничка основа, е честа појава во автобусите од јавниот превоз, покажува анкетата „Сајбер булинг во средините училишта во Република Северна Македонија“ што ја изработи Институтот за човекови права (ИЧП).

Како што информираше Мартин Сопронов од ИЧП, на денешниот настан по повод презентација на резултатите од анкетата, децата побарале овој проблем да се адресира.

“ По завршување на часовите, додека се возат во автобус, тука им се случува многу често да бидат вознемирувани, и психички и физички, со ладно оружје. Да им доаѓаат групи, да ги ставаат рацете на камерите во автобусот каде што се возат, еден ја држи камерата за да не се гледа што се случува и останатите деца после тоа напаѓаат еден, двајца, тројца. Ова физичко насилство се случува и помеѓу навивачките групи, односно членови на навивачки групи, кои што се средношколци. Тоа е нешто што треба да се адресира и децата побараа да се адресира, рече Сопронов.

Автобусите со број 2, 22, 57, 47, 41 и 51 кои се обраќаат на релација до Бутел, Радишани, Ченто, Ѓорче Петров, Влае и Драчево се местата каде што се случуваат овие инциденти и поради ова од МВР има најава дека нивни припадници облечени во цивилна облека ќе бидат присутни во самите автобуси.