Интервју со Стефан Андоновски: Младите луѓе да веруваат во себе и во Македонија, не сме многу луѓе, но добро екипирани и посветени можеме да постигнеме повеќе за секој од нас, а и за државата

Разговаравме со Стефан Андоновски дополнителен заменик министер по Информатичко општество и администрација и меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Тој е дел од плејадата на млади и перспективни политичари во Македонија.

Го прашавме да раскаже за неговото студирање на престижниот универзитет Џон Хопкинс каде е што е првиот и засега единствениот Македонец што магистрирал со десигнација cum laude (со почести) на SAIS (Школа за напредни меѓународни студии).

Разговаравме и за неговата одлука да влезе во политиката, зошто се одлучил да влезе во политиката, за перспективата на младите во Македонија, како и за моменталната позиција што сега ја извршува како дополнителен заменик министер по информатичко општество и администрација.

Во вашата биографија пишува дека сте завршиле магистерски студии на Џонс Хопкинс во САД, ќе ни кажете ли нешто повеќе околу тоа, како е да се студира на таков престижен универзитет? 

“Тоа е едно искуство кое целосно ве променува како човек. Освен врвното образование од некои од најдобрите теоретичари, искуството од луѓето кои креираат политики во центарот на САД, изградив и однос со луѓе кои и ден денес можам да ги наречам пријатели. Доволно е да кажам дека во мојата генерација имаше студенти од повеќе од 40 различни светски држави. Дел од нив денес се амбасадори, политичари, експерти и професори во најсилните светски центри.  Мислам дека таму го променив и односот кон работата. Впечаток ми беше дека луѓето таму се многу поработливи. Се фокусираат на област која ги привлекува и во која се добри, и работат многу напорно во неа. Работниот ден трае и по 15-16 часови. Мислам дека ние повеќе салкаме да одмораме со пријателите, кафињата ни траат со часови, едноставно водиме многу порелаксиран живот. Тоа искуство се обидувам и денес да го пренесам во работата која ја вршам“.

Го прашавме и што е она што го натерало да се врати во Македонија со оглед дека откако некој ќе го заврши своето образование на таков универзитет каков што е Џон Хопкинс шансите за вработување во Америка се многу големи. Андоновски на ова прашање вели дека ако не го направел тоа ќе имал чувство дека шансата да го пренесе своето знаење ќе била пропуштена.

“Мене ме води чувството на должност. Македонија, каква и да е, ми дала многу. Најмалку што можам е да вратам барем онаму каде што можам. Ако стекнатото знаење не го пренесете дома, тогаш, за мене тоа ќе значеше една пропуштена шанса. Тука работев претежно во приватниот сектор и сигурен сум дека имаме потенцијал да направиме повеќе. Да си осигураме дека иако мала држава, Македонија може да биде балканската држава на можности. Прекрасната природа, можностите за спорт, уметност и живот со луѓето кои ве сакаат е само мотив повеќе“ вели Андоновски

Поривот за политика вели Андоновски го води како дете. Имало моменти кога се размислува за откажување но секогаш поривот да се направи повеќе кога ќе биде дадена шанса, бил посилен од секој предизвик и додава дека секоја јавна работа е полна со мали поголеми и видливи победи на кои тој им се радува подеднакво на сите.

“Поривот за политика ме води од дете. А идејата на ВМРО ме "зарази" кога сфатив дека битката на македонскиот народ за правда е нишката на битката на ВМРО, колку и тоа да звучи како клише. Како партија поминавме и добри и помалку добри моменти, некогаш и моменти кои ве притискаат да се откажете. Но, секогаш поривот да направите повеќе кога ви е дадена шанса, бил посилен од секој предизвик. Затоа што лесно е да се критикува однадвор. А и однесувањето на политичките елити до сега не помагало да младите имаат желба да влезат и да помогнат да ги менуваме работите. Затоа што ова е јавна работа, полна со разочарувања. Но и полна со мали и поголеми, видливи и невидливи победи. Јас се радувам на секоја таква победа“ посочи Андоновски

Околу она што им недостасува на младите, Стефан вели дека тоа е перспективата. За да се спречат истите да заминуваат надвор од државата потребни се промени. Тој додава дка моментално владеее апатија, несигурност и неуспеси и дека е потребна многу макотрпна работа за ова да се промени

“Ако треба да одговорам со еден збор, им недостасува перспектива. Чувство дека за неколку години ќе биде подобро одошто е денес. Е за да се создаде тоа чувство, во време кога владее апатија, нестабилност, несигурност и неуспеси - потребна е макотрпна работа без застанување. Таа работа треба да опфати системски решенија за зголемување на животниот стандард, борба против корупција и можности за напредок. Ефикасни економски политики, достапно квалитетно здравство, образование кое создава млади со знаење и здрава животна средина се најважните приоритети“ кажа Андоновски

Моменталната позиција што ја извршува е дополнителен заменик министер по Информатичко општество и администрација, го прашавме што ако тој утре би станал министер, што е она што тој би го сменил? На ова одговори дека најпрво би ја вовел дигитализацијата, а после сите оние коруптивни административци да се тргнат од институциите.

“Сите услуги на државните институции да се достапни на еден клик online. Тоа мора да биде прв и основен приоритет - постепено да ги дигитализираме сите процеси. Не може во третата деценија од 21виот век сѐ уште да плаќате по 1000 денари мито за да добиете печатен извод од матична книга на родените. Овие корумпирани административци треба да се тргнат од институциите и да одговараат, а чесните вработени да ги предводат трансформативните процеси на општеството“ посочи Андоновски

Околу блансерот за вработување Андоновски не го крие својот став дека треба да се укине. Тој вели дека луѓето ги цени според нивната способност и човечност и дека не треба при вработувањето да се бира националноста туку квалитетот.

“Сите што ме познаваат знаат дека ги ценам луѓето според нивната способност и човечност. Но, не смее повеќе да го толерираме апсурдот дека за да се вработите прво треба да изберете националност (и да лажете околу тоа), па потоа да се натпреварувате со вашите квалитети. Дополнително на тоа, со нелагални институционални акробации, тотален дисбаланс се случува во многу министерства каде што Македонците се вработени со помалку од 20%. Едноставен пример е Министерството за политички систем, она за Економија или за Животна средина. Затоа мораме да имаме квалитет пред балансер. Правична и соодветна застапеност како принцип да, но не како алатка против квалитетот“ потенцираше Андоновски

На крајот од нашето интервју Андоновски и порачува на сите млади луѓе да веруваат во себе и во државата зошто само на тој начин може да се постигне повеќе за секој од нас.

“На младите луѓе им порачувам да веруваат во себе и во Македонија. Не сме многу луѓе, но добро екипирани и посветени можеме да постигнеме повеќе за секој од нас, а и за државата. Искрено верувам дека ова е можно, а знам дека и промените кои ќе се случуваат ќе го потврдат ова мое верување“ рече Андоновски