Дали протезите и избелувањето на забите стана тренд и колку е важен односот со личниот стоматолог – интервју со доктор Цоневска Пашоска

Редовните прегледи кај стоматолог се гаранција за добро орално здравје и убава насмевка! 

Многумина велат дека од пристапот на стоматологот и самиот амбиент во ординацијата зависи каков однос ќе имате кон грижата за сопственото орално здравје! Симона Цоневска Пашоска е доктор стоматолог и сопственик на стоматолошка ординација „Пашоска“  во Скопје.

Токму со своето знаење, совети, пристап и работа е пример за посветена и стручна докторка со која здравата и убава насмевка може да ја има секој.

Ова е можеби најпоставуваното прашање кон стоматолозите. Сепак, иако звучи како „клише“ и има разни теории – Колку често треба да се јавуваме на стоматолошки преглед (колку често децата, адолесцентите, жените кои планираат бременост и општо возрасните)?

Најдобра возраст на детето за прва посета на стоматолог, според мене е околу четвртата година. Вообичаено на таа возраст децата веќе добро соработуваат, а и се доволно љубопитни за да создадат интерес за посетата. Најважно е детето првпат да има контакт со стоматолошка ординација кога нема никаков проблем со забите, само да се направи преглед и запознавање со персоналот и просторот (столот, инструментите...) и да се дадат совети и инструкции за правилна хигиена и исхрана. Така на децата им станува интересно одењета на стоматолог и никогаш повеќе не го доживуваат стресно. Ако при тој прв преглед се воспостави добар однос меѓу стоматологот и детето, тоа секогаш ќе доаѓа со радост, ќе соработува и ќе има позитивна асоцијација за нашата работа.

Прегледите кај децата и адолесцентите треба да се прават секои 3 до 4 месеци, бидејќи забите од млечната и мешовитата дентиција, како и младите трајни заби имаат поспецифична градба и се поподложни на расипување. Исто така за време на детството и пубертетот гингивите се поосетливи и лесно се воспалуваат. А за жал, хигиената во оваа возраст не е секогаш на завидно ниво, па потребна е постојана проверка и едукација.

Понатаму, кај возрасните со воспоставена нормална орална хигиена, доволни се два прегледи годишно (на секои 6 месеци). Жените кои планираат бременост мора да имаат комплетно санирано забало и пародонт пред бременоста, за да се избегнат било какви интервенции во првиот триместар. За време на беменоста задолжителни се контролен преглед во четвртиот и уште еден во осмиот месец.

Сѐ поголем број на деца и млади носат протези за исправување на забите. Кој е првиот совет кој го давате кога ќе забележите дека е потребна протеза? Колку е клучен тајмингот и на што особено треба да внимаваат при носењето на протеза?

Да, во денешно време децата немаат психолошки проблем, ниту некаков отпор за носење фиксни или мобилни протези. Дури можам да кажам дека тие сега го доживуваат тоа како некаков вид мода, тренд... Тоа е добро, бидејќи многу е важно забите да бидат во идеален ред, за да се избегнат многу проблеми, подоцна во животот, најмногу во врска со пародонтот (гингивите, вилиците) и виличниот зглоб. Важно е да се почне навреме со ортодонтски третман, иако во денешно време, возраста не претставува пречка во носењето ортодонтски протези. Сепак, колку порано се почне со третман, толку резултатите ќе бидат подобри и релативно побрзи.

Најдобро е додека детето расте, да се корегираат сите абнормалности. Вообичаено, децата ги упатуваме на консултација и третман кај ортодонт кога веќе ќе бидат никнати инцизивите и првите трајни молари (возраст од околу 6-7 години), но, постојат ситуации кога може и треба да се почне со некои третмани и на помала возраст.

Откако ќе се постават ортодонтските протези многу е важна хигиената и начинот на исхрана. Забите мора правилно да се мијат, по можност после секое јадење, брикетите да се чистат со специјални четкички за таа намена. Да се внимава исхраната да е избалансирана, да не е леплива и премногу базирана на шеќери. Мора да се внимава многу, бидејќи крајната цел ни е: и убаво поставени, но и здрави заби!

Сѐ поголем тренд станува естетското средување на забите. Се оштетуваат ли забите од вакви зафати и можни ли се несакани последици, во однос на пациентот да не може да се навикне? Што е клучно за квалитетно естетско средување на насмевката?

Насмевката е првиот впечаток кој човек го остава за себе. Затоа е многу важна естетиката. Најдобро е навремено и редовно одржување на природните заби (навремена ортодонтска корекција, ако е потребно, потоа редовни контроли, чистења, полирања, санирање на евентуални кариеси во нивната почетна фаза...) Но, во некои случаи сепак е потребна естетска корекција, било поради лош квалитет на забната структура или едноставно поради истрошеност на забите со текот на годините. Постојат различни техники во естетската стоматологија, некои сосема неинвазивни, некои со минималмо оштетување на забите. Изборот зависи од условите кај пациентот и од тоа што треба да постигнеме.

Најважно е, доколку се прави нешто за естетика, да се изберат квалитетни високо- естетски материјали за да го добиеме најдобриот можен ефект. И секогаш да се водиме од индивидуалниот изглед на пациентот.

Ние како доктори, често пати правиме компромис меѓу желбите и можностите кај пациентот. За мене, најдобра естетика е кога пациентот ќе изгледа природно, кога нема да се приметува дека нешто е правено, а сепак ќе има очигледно разубавување!

Несаканите последици, со новите техники во естетската стоматологија и совесното работење на докторот, се сведени на минимум. Нормално дека пациентот многу лесно ќе се прилагоди и ќе прифати се што е поубаво од претходната ситуација. Важно е само да не е променета премногу неговата првобитна положба на виличниот зглоб и висината на загризот.

Колку е штетно избелувањето на забите и точно ли е дека доколку почнете со овој метод за избелување ќе треба тоа да го правите доживотно?

Мора да се знае дека бојата на забот ја дава дентинот (внатрешната структура на забот), а многу помалку глеѓта (надворешната обвивка на забот) која е скоро проѕирна. Оттука, за да настане видливо ефикасно избелување на забите, средството-избелувач мора да помине низ глеѓта и да остави некои микро простори. Квалитетните избелувачи имаат соодветни препарати за репарација на тие микропростори и враќање на првобитната структура на забот. Но, новодобиената боја не е постојана. Во зависност од секојдневните навики во исхраната и начинот на живот, старата боја се враќа за 6 месеци до 2 години. На тој начин, повторно имаме потреба од избелување, ако сакаме пак да ја добиеме посветлата боја на забите... па по Х-третмани на избелување, со текот на годините може да дојде до оштетување на структурата на забите. Според мене, избелувањето е оправдано само во некои специфични ситуации. Во никој случај не треба да стане мода и пракса кај младите луѓе. Наместо тоа, би препорачала полирање на забите, со што ќе се отстранат сите надворешни пребојувања на меките наслаги на забите и ќе се добие најдобар сјај од сопствената боја.

Иако е генерално прашањето, кој е вашиот став - имаат ли Македонците култура за дентална хигиена?

Па, можам да речам, да. Не е тоа генерално за сите Македонци, но мислам дека повеќето имаат солидна дентална хигиена, се поголем број од пациентите редовно се јавуваат на редовните контролни прегледи. Сепак, треба постојано да се врши едукација од нас, стоматолозите, и на децата и на возрасните. Еве ќе потенцирам и сега, мијте ги забите двапати дневно, наутро и навечер, со посебено внимание на вечерното четкање, кое треба да биде правилно и долго, околу 2 до 3 минути и после кое веќе не конзумирајте ништо, освен вода. Внимавајте на исхраната, која треба да содржи што помалку прости шеќери. Редовно посетувајте го вашиот стоматолог иако немате никаков проблем, тој ќе ви даде најдобри персонализирани совети за вашата дентална хигиена.