Интервју со професор Михајло Марковиќ: Со Бугарија да комуницираме со реципроцитет, на навредите да се одговара со навреди

Македонскиот јазик недоволно се почитува и сака. Политичарите, медиумите, корисниците на социјалните мрежи, се чини, како да не се грижат доволно за мајчиниот јазик. 

Дали новиот закон кој предвидува и формирање на Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик ќе ги промени нештата на ова поле?

На оваа тема, но и многу повеќе за тоа како македонскиот јазик обединува и го формира нашиот идентитет пред соседите и светот, разговараме со професор д-р Михајло Марковиќ, вонреден професор на Студиската програма за македонски јазик и литература при Филолошки факултет во Универзитетот во Тетово.

Од неодамна е изгласан Законот за употребата на македонски јазик, а најавено е дека ќе се основа и Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик. Колку сметате дека овој закон ќе се почитува во пракса? Кои всушност материјали ќе бидат подложни на лекторирање? Ќе се зголеми ли интересот за студирање на макеоднски јазик?

Службениот јазик во една држава има обединувачка функција, јазик со којшто комуницираат и меѓусебно се разбираат сите граѓани во државата, независно од нивниот мајчин јазик. Во Македонија, таква општествена улога, според Уставот и законите има македонскиот јазик. На крајот од 2023 година во Собранието на РМ беше усвоен новиот Закон за употреба на македонскиот јазик. Според ЗУМЈ македонскиот јазик е единствениот службен јазик на територијата на целата држава, иако според други, но точно одредени состојби во дадени правни акти, се употребуваат и други јазици. Според членот 41 од ЗУМЈ, овој закон е примарен и надреден над сите закони од слична материја.

Новиот закон за употреба на македонскиот јазик предвидува и формирање инспекторат за негова доследна примена, кој во овој краток временски период од изгласувањето сѐ уште не е формиран.

Лично, сметам дека во пракса ќе треба многу долг временски период за да профункционира примената на ЗУМЈ, тргнувајќи од целосната општествено-политичка ситуација во Македонија, бидејќи и со стариот закон македонскиот јазик беше институционално заштитен, но сепак во пракса тоа речиси воопшто и да не функционираше.

Според ЗУМЈ задолжително ќе се лекторираат: општите и поединечните акти на законодавната, извршната и судската власт, службените документи и текстови, меѓународните договори, титлувањето, аудио и аудиовизуелните комерцијални известувања што се емитуваат на медиумите регистрирани во РМ, магистерските и докторските трудови што се напишани на македонски стандарден јазик и на неговото кирилско писмо, плакатите, летоците, проспектите, транспарентите, рекламните табли, рекламите на излози или друг вид рекламен материјал, називите на производите, амбалажите, налепниците, упатствата, декларациите, сертификатите, лекарствата, сметките, фактурите, уплатниците, потврдите итн.

Состојбата со интересот за студирање на македонскиот јазик е алармантна, а се должи токму на фактот дека нема доволно вработувања и можности за напредување со добиена диплома од областа на македонскиот јазик. Според членот 9 од ЗУМЈ задолжително ќе се вработуваат лектори по македонски јазик во законодавната, извршната и судската власт, во дипломатско-конзуларните претставништва на Р. Македонија, во органите на единиците за локална самоуправа, во јавните установи и институции, во медиумите регистрирани во РМ итн., поради што очекувам и искрено се надевам дека ќе се зголеми интересот за студирање на македонски јазик на катедрите низ Македонија.

Како во моментов ја оценувате состојбата со употребата на македонскиот стандарден јазик? Дали доволно се почитува во медиумите, вклучувајќи ги тука и социјалните мрежи? (Сведоци сме дека на социјалните мрежи се пишува на
латиница, не се почитува правописот...) 

Во интернет комуникацијата на социјалните мрежи популарен е уличниот сленг полн со англицизми, кои често се пишуваат неправилно, па им се додаваат македонски наставки и членувани форми, нестандардизирани кратенки и сл.

Околу седумдесет проценти од испитаниците поминуваат од седум до девет часа дневно на социјалните мрежи. Речиси никој од нас не ги почитува правилата за пишување на македонскиот јазик, особено на социјалните мрежи. Младите најчесто се допишуваат на латиница со големи букви, наместо граматички знаци ставаат симболи, користат жаргони, англицизми, србизми, интернационализми итн.

Во медиумите кои опстојуваат на тлото на Македонија следиме користење на интернационализми, туѓи зборови кои се сметаат за впечатливи и интересни за публиката, а со тоа се извитоперува македонскиот јазик. Медиумската „неписменост“ во контекст на македонскиот јазик преминува во нормална појава. Новинарите, спикерите, натписите и текстовите во националните медиуми е на катастрофално ниско ниво, односно секојдневно можеме да проследиме неправилна дикција, неправилно акцентирање, „неписмени“ натписи, известувања итн. Ваквата состојба мора веднаш да се промени, односно Инспекторатот за спроведување на ЗУМЈ што поскоро да профункционира.

Стана пракса политичарите да комуницираат преку социјалите мрежи, но сѐ почесто сме сведоци дека прават елементарни грешки при употребата на македонскиот стандарден јазик, а гордо ги честитаат „Денот на македонскиот јазик“, „Денот на македонската азбука“... Каков е вашиот став за нив, забележувате ли и Вие вакви примери, треба ли повеќе да внимаваат?

За жал, недоволната писменост во областа на јазикот и културата, самобендисаноста и неспособноста за учење ги оневозможува македонските политичари културно да се надградат, а со тоа и да придонесат во развојот на македонската култура и јазик.

Политичките структури во Македонија воопшто не обрнуваат внимание за начинот на говорење, употребата на домашни зборови, правилна дикција, акцентирање и сл. Се покажува дека ваквата негрижа кон својот културен код, македонскиот јазик, доведува до зголемување на неправилната реторика и ораторство, со што не придонесуваат за развој на способноста за критичко размислување.

Можеме да забележиме колку често македонските политичари користат неправилно изговорени домашни зборови, интернационализми, србизми, англицизми итн., па дури и нивната употреба често е несоодветна, особено кога се трудат да остават впечаток на образувани и компетентни личности.

Јас апелирам македонските политичари задолжително да внимаваат како се изразуваат на македонски јазик, со правилни збороформи и правилен изговор, бидејќи токму тие во денешницата се најпопуларните личности во Македонија и претставуваат модел за македонската младина.

Политичарите очигледно не ја разбираат важноста од употребата, негувањето, зачувувањето на својот јазик, македонскиот. Во трката за популарност забораваат на вредностите кои ги има македонскиот јазик. Нема доволно ѕвонливи македонски зборови да се искаже огромната заслуга на Св. Кирил и Св. Методија, Св. Климент и Св. Наум, Пејчиновиќ, Мисирков, Конески и нивното капитално дело со кое го ширеа македонскиот долговековен јазичен непокор. Сите тие го посеаја духовното, културното и јазичното семе на Македонија. Јазикот секогаш бил силно оружје за македонската нација кое треба правилно да го користиме.

Според член 1 од ЗУМЈ, употребата на македонскиот јазик како службен јазик е право и должност на граѓаните на Македонија. Употребата на македонскиот јазик како службен јазик во меѓународните односи е право и должност на секој претставник на државната и на локалната власт. Македонскиот јазик е нематеријално културно наследство на Република Македонија.

Иако темата со јазикот, идентитетот и нашито источен сосед во последно време е обемна, накусо би можеле ли да ни кажете како, според Вас, треба да се реагира на провокациите од соседна Бугарија во однос на јазикот?

Нашите источни соседи не престануваат дрско и безобразно да го напаѓаат, деградираат и приграбуваат македонскиот јазик и неговата континуирана историја. Факт е дека старословенскиот јазик, најстариот словенски книжевен јазик лежи во основата на говорот на македонските Словени од околината на Солун, врз основа на кој е создадено првото словенско писмо, глаголицата. Токму поради многубројните аргументи за постоењето на македонскиот јазичен и културен идентитет, јас сметам дека треба да престанеме со реториката на одбрана и правдање, реторика на докажување којашто оди во недоглед и се извртува на секој чекор и во секое време.

Задолжително е потребно да се престане со „плачењето и кукањето“ колку македонскиот јазик е засегнат на „ова“, или на „она“ рамниште, туку храбро и одлучно да задаваме удари и да им отвориме „крвави“ рани на сите кои истото ќе ни го сторат на нас. Сите негатори на македонизмот нека доживеат барем дел од нашата болка, страв и беда во која вековно се обидуваат да не втурнат.

Поради „добрососедски“ односи никого не напаѓаме, се откажавме од терминот „старомакедонски“ јазик, иако само на нас ни припаѓа, молчиме на сите клевети, на сите навреди, на сите понижувања, иако сакаат да не обезличат. Иако фактите се на наша страна прифаќаме небулозни отстапки и ги затвораме очите пред вистината која е водилка според која треба да се ориентираме, бидејќи вистината ќе не ослободи нас, но и нив (нашите источни соседи). Оттаму сметам дека треба во целост да ја промениме реториката во комуникацијата со нашиот источен сосед. Начинот на комуникација треба да се сведе на дискусија со реципроцитет, на навредите да се одговара со навреди, на убавите зборови со уште пораскошни комплименти и пофалби. Се надевам дека македонските лингвисти ќе започнат на ваков начин да го третираат јазикот на нашиот источен сосед, но и на секој негатор на македонското културно наследство, како одговор на непризнавањето и дрскоста кон македонизмот.