Интервју со Драган Ковачки: Државата е потоната во корупција и криминал, достоинството е погазено, а институциите се инволвирани во заштита на криминалот

Со оглед дека влегуваме во предизборен период од исклучителна важност е да се слушнат размислувањата на политичките актери. За таа цел разговаравме со пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, околу претстојните претседателски и парламентарни избори.

Според најавите на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски тој ќе биде носител на партиската листа во третата изборна единица. Во таа насока разговараме за ветувањата кон граѓаните, но и за понудата со која неговата политичка партија ќе излезе пред народот. Пратеникот Ковачки го прашавме и за тоа какви се неговите очекувања од овие избори но и тоа што е она што го прави различен од другите. За крај поставивме прашање зошто граѓаните би ја дале довербата на неговата партија а не на пример на неговите противници.

Господине Ковачки вие сте носител во ИЕ 3, какви се вашите очекувања во однос на изборите?

Овие избори се одлучувачки за напредокот, а би си дозволил да кажам и опстанокот на Македонија како современа држава која е дел од цивилизираниот свет. Македонија е управувана од политичко малцинство од само 13 пратеници на ДУИ кои раководат со политичкото мнозинство на СДСМ и кои се нивни послушници. Државата ни е потоната во корупција и криминал, имаме погазено достоинство, а органите и институциите кои треба да го спречат овие појави се директно инволвирани во заштита на криминалот и корупцијата на партиските функционери.

Над 60% од граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешна насока и дека мора да се случат промени.

Со оглед на тоа што незадоволството од структурата на власт е огромно и министрите на СДСМ имаат причина за загриженост, очекувам истите да се обидат да се сокријат позади пратеничкиот имунитетет и да ги изместат веќе постоечките пратеници од СДСМ кои жестоко го бранеа криминалот на првите.

Второ, очекувам црна кампања од страна на СДСМ и нивните ботови. Таа веќе е започната и истата преку пласирање на лаги и измислици има за цел да ги деградира политичките противници.

Трето, очекувам злоупотреби на институцуиите во партиски цели и тука би предупредил дека секој мора да биде свесен за последиците.

Не очекувам понуда од СДСМ затоа што тие се што имаа досега понудија и еве до каде ја доведоа државата – до ќорсокак. Најважно, очекувам масовна излезност на граѓаните и пораз на антимакедонската Влада која ќе остане запаметена во историјата со забелешка: „да не се повтори“.

Со оглед дека сте носител не е мала работа значи ви е дадена голема доверба од партијата, како ќе им се претставите на граѓаните кои живеат во ИЕ 3, односно со каква понуда ќе излезете пред нив?

На овие избори веќе се профилирани двата концепти: првиот е држава која е погазена, иселена,  испокрадена, држава без институции која служи за подбив и дома и надвор, раководена од Али Ахмети, Бујар Османи, Артан Груби и слугата Димитар Ковачевски и вториот концепт е држава во која владее правото, се почитува редот и поредокот, криминалците се затвораат, а трудољубивите и чесни Македонци, Турци, Албанци, Власи, Бошњаци, Роми и сите останати граѓани заеднички се борат да нашата заедничка држава напредува кон ЕУ. Вториот концепт е предводен од ВМРО-ДПМНЕ и г-динот Христијан Мицкоски.

Во ИЕ 3, но и во цела држава, имаме засилени иселувања на граѓаните. Луѓето бегаат од сопствената држава затоа што немаат доверба во системот и затоа што неа институции кои функционираат. Луѓето бегаат затоа што се свесни дека со овие бандити на власт МАкедонија нема иднина.

Бегаат и затоа што нема проекти за развој со што би се поттикнало вработувањето, конкуренцијата а со самото тоа и растот на платите. Во суштина, сите работат за плата и секој сака да си овозможи на семејството да може да помине барем еден летен и зимски одмор. Тоа за жал за поголемиот дел од популацијата не е можно токму поради политиките на Владата.

Кога дојде ред пензионерите да протестираат и да почувствуваат дека власта ги оставила на цедило, тогаш што останува за другите категории на граѓани.

Токму оттука доаѓа и одговорот на Вашето прашање. Значи кратко - ќе понудиме се обратно од моменталната власт или како тие милуваат да кажат „од досега“.

Ова е период на многу ветувања од страна на политичарите, зошто на пример граѓаните би ви верувале на вас? Што е она што ве прави да сте различни?

Мислам дека за нас ова е период на реални ветувања. Ние никогаш не сме се воделе од гол популизам туку од резултати во работата. Тоа ВМРО-ДПМНЕ го докажало во минатото кога било централна власт а го докажува и сега со нашите градоначалници.

Сетете се само дека со двојно помали буџети се направи целосно нов автопат до Штип, се направи делницата на автопатот до границата со Грција, се испроектира и исфинансира експресниот пат до Кочани, се направија стадиони, спортски сали буквално во секој град итн. Сето тоа било дел од програмата на партијата и истото било реализирано. За разлика од нас, СДСМ што ветуваа живот и не убедуваа дека Гугл, Фејсбук и Икеа чекале да го смениме името за да влезат и инвестираат во МАкедонија видовме дека по кој знае кој пат излажаа. А излажаа затоа што не си ја сакаат државата и затоа што се дојдени да крадат.

Понатаму, не може премиер да биде човек кој одбил да ја брани државата во 2001 или човек кој е најодговорен за растот на криминалот во државата и во суштина покровител на криминалот да претендира да биде министер за внатрешни. Не може да му се верува и на човек кој додека беше вице-премиер за борба со корупција го добива најлошиот извештај за корупција и сега повторно да сака да ја раководи државата.

Во однос на актуелната набавка на хеликоптери, споменавте дека се намалува борбената готовност на Армијата, ќе сакате ли да ни кажете нешто повеќе околу тоа?

Главното прашање е што добива Македонија со набавката на тие хеликоптери, односно бидејќи се транспортни, дали ќе се зголеми капацитетот на превоз на војници во однос на постоечкиот капацитет? Одговорот е не.

Второто прашање е каде е борбениот елемент на македонското воздухопловство кој во минатото сме го имале, а сега ќе го немаме? Овие хеликоптери не може да вршат блиска воздушна поддршка на копнените сили, а тоа во услови на современо војување е неопходно.

Асполутно дека мора да бидат зановени воздухопловите со понови, но истите мора да имаат повеќе намени, односно мора да бидат опремени и со соодветно вооружување.

Трето прашање е зошто фирма која порано била вклучена во скандал поврзан со поранешниот генерален секретар на Владата, е избрана како најсоодветен понудувач и тоа во период на распишани избори?

Внимавајте колку се алчни и неспособни. Чекаа цели 7 години, за да на крај на мандатот, на 40 дена пред пад од власт, да склучат договор, а комплетното плаќање кое најпрвин беше 230 милиони и сега е зголемено на 250 милиони, ќе треба да го направи Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Зошто брзаат, дали и кој земал провизии, ќе биде задача на институциите на системот после промената на власта.  

Заклучно, СДСМ целосно ја уништија огнената моќ на армијата. Армијата во моментов нема капацитет да ги исполни Уставните обврски за одбрана на државата. За жал, тоа се правеше пред очите на врховниот командант Стево ПЕндаровски кој заради лични калкулации и барање поддршка за нов мандат, одбра да биде нем набљудувач

Редовно излегувате на прес конференциии откривате афери, поставувате „незгодни“ прашања, вреди ли според вас целата таа работа и кој е мотивот да го правите тоа?

Да, секојдневното излегување и обелоденување на скандалите на власта се потребни затоа што народот мора да знае каква власт ја раководи државата. Мора да се знае дека тие што најгласно зборуваат за ЕУ, всушност се најантиевропскиот сегмент во ова општество. Не може тие што ја направија најкорупмираната држава во Европа да зборуваат за европски вредности и не може тие што издаваа државјанства на руски шпиони и тоа за пари да зборуваат за закана од Русија. На најголемите отпадници и криминалци да им издавате македонски пасоши а сопствените граѓани да ги затворите дома токму поради немање на обрасци за пасоши и да се промовирате дека сте за Европа. Не може да имате 1% доверба во Судството и обвинителството и да ни објаснувате за отворање на кластери или поглавја со ЕУ. Тоа едноставно е невозможно.

Не може тие што се откажуваат од сопственото минато сега да ни нудат лажна иднина.

Мојот мотив, како и мотивот на целото раководство на партијата е да сето ова го промениме. Ние сакаме да си ја зачуваме и нацијата и државата и да останеме да живееме во оваа држава, а не да бегаме од неа доколку не сме на функции.  Мотивот е да направиме средена европска држава во која ќе се вреднува стручноста и компетенцијата, во која нема да се срамиш да се кажеш дека си Македонец и држава во која мора да има одговорност за злоделата против народните пари и против сопствените граѓани. 

Ќе сакате ли да ни откриете некои ваши планови за изборната кампања, некои проекти, планови или ќе треба да почекаме да видиме?

Секако дека тука ќе се најдат голем број на инфраструктурни проекти, ќе има поволности за сите категории на граѓани и сето тоа ќе биде остварливо во рамките на финансиските можности. Нема да се расфрламе со празни ветувања затоа што тоа би било нечесно кон граѓаните.

Во конктест на ова, ќе понудиме реорганизација на министерствата согласно промените кои се случуваат и согласно визијата за развој на државата. Програмата е пред финализација и за истата ќе имаме јавна промоција за да граѓаните од прва рака се запознаат со нашата остварлива понуда за развој на државата.

За крај каква кампања ќе водите? Дали ќе биде позитивна со понуда на идеи и проекти или ќе се фокусирате на вашите противници?

Нашите политички противници во моментов се неважни. Тие губитници за жал ја закочија Македонија во нејзиниот развој и напредок кон ЕУ и народот тоа веќе го има препознаено.

Нашата кампања ќе биде позитивна, ќе дадеме понуда на граѓаните и очекуваме масовна поддршка за ВМРО-ДПМНЕ со цел да не бидеме уценувани од ДУИ или други структури кои не и мислат добро на државата, односно од истите тие кои ја донесоа државата на дното.

Македонија заслужува промени и потврдата за истите ќе дојде на 24 април, а верификацијата ќе дојде на 8 мај.