Интервју со Дарко Спасев, директор на „Марија Кири-Склодовска“: Учениците по средното стручно образование „се испечени“ за занает

Полуматурантите традиционално во мај и јуни се наоѓаат пред тешка одлука – да го направат вистинскиот избор на средно образование со цел како идни средношколици следните 3 или 4 години да ги минат во продуктивна и креативна средина која ќе им ги отвори вратите успешно да се снајдат на пазарот на труд.

Средното-стручно училиште на Град Скопје „Марија Кири-Склодовска“ во општина Аеродром нуди низа стручни профили. 

За стручното образование и начинот на работа во ова училиште разговараме со Дарко Спасев, директор на „Марија –Кири Склодовска“! 

Вашето училиште нуди повеќе стручни профили. Кој е вашиот став зошто стручното образование треба да биде приоритет за идните средношколци, во таа насока и за оние кои не сакаат да продолжат со високо образование?

Стручното образование треба да е приоритет за идните средношколци од причина што истите се стекнуваат со професионални компетенции за оспособување на работа, каде на учениците им се создадени услови за стекнување и надградување на соодветни нивоа на стручните квалификации во согласност со потребите на пазарот на труд. Просто кажано, учениците со завршувањето на средното стручно образование „се испечени“ за занает, а додека пак учениците кои завршиле средно гимназиско образование мора да го продолжат своето образование на високообразовните установи.

Се трудите освен теоретски дел да има и пракса за стручните профили. Што правите во таа насока? Колку сметате дека праксата е клучна за утре учениците да бидат оспособени за работа на терен?

Во стручните образовни профили во функција на наставните предмети покрај теоретскиот дел учениците имаат и практична настава и вежби. Исто така, учениците во трета и четврта година го изучуваат и наставниот предмет - Учење преку работа кај работодавач, а додека пак учениците со тригодишното траење на образование во сите години на образование го изучуваат наставниот предмет - Практична настава.

Практичната обука е клучна за учениците и без истата тие не би биле оспособени за работа на терен. Конкретно кажано, тоа што го изучуваат во теорија, истото мора да го применат во пракса.

Каков е интересот на учениците за стручно образование во изминативе години? Во тој контекст дали има ученици кои се одлучуваат за овие стручни профили со цел да се оспособат за работа во странство (на пример, Германија, Словенија...)?

Со задоволство можам да кажам дека во изминатите години има тенденција на зголемување на бројот на ученици. Лично, сметам дека истото се должи на секојдневната работа во училиштето, преземање на сите активности за воведување на сите услови за непречено да се одвива воспитно - образовниот процес. Истовремено, сакам да потенцирам дека заслуга на тоа имаат и атрактивните образовни профили коишто ги имаме (Хемиски - лабораториски техничар, Техничар за козметички и хемиски производи, Техничар за заштита на животна средина, Техничар за очна оптика, Фармацевтски техничар, Медицински лабораториско - санитарен техничар и Болничар - негувател).

Учениците се оспособуваат за работа во странство, но имаме и ученици коишто своето образование го продолжуваат во други земји (Германија, Словенија, Бугарија, Србија и други).

На крајот од учебната година, со кои предизвици и проблеми се соочувавте како училиште?

Секој нов ден е предизвик за мене. Скоро една година и половина раководам со ова училиште како директор, а претходно скоро пет години ја вршев функцијата помошник директор. Претходното раководно искуство ми дава мотивација за максимално да се трудам и да се вложувам да нема никакви проблеми во училиштето и работата да тече непрекинато. Секако, еден човек не може сам да раководи со институција од околу 150 вработени и скоро 2000 ученици. Јас и мојот тим секогаш поаѓаме од фактот дека ние сме тука за учениците и треба да бидеме нивен сервис.

Нема лоши ученици, има само наставници коишто не доволно се вложиле себеси да го извлечат максимумот од истите. Можам да се пофалам дека училиштето оди во правилна и одлична насока и секој ден се случуваат новитети во истото. 

Со години сте во образовната сфера. Дали лично вас ве плаши сѐ помалиот број на ученици со оглед на трендовите за отселување?

Реално во моментот ние како училиште го немаме тој проблем. Но, генерално на ниво на држава може да се смета како генерален проблем. Моето мислење дека тоа е вина во нас како држава од причина што недоволно сме преземале соодветни мерки и активности учениците да ги задржиме тука. Не би дискутирал повеќе на оваа тема, можеби би продолжила оваа дискусија во иднина.

Како ќе мине летниот период за наставниот кадар во училиштето?

Училиштето како и секоја година, така и оваа година изготвува Календар на активности. Во месец јуни имаме одредени активности за запишување на ученици, полагање на испити од државна матура и завршен испит, а во месец август исто така има полагање на испити од државна матура и завршен испит и правиме конечни подготовки за старт на новата учебна 2023/2024 година.

Најбитно за мене како еден раководител/менаџер е да направам вработените да се чувствуваат среќни и задоволни и со мерак да одат на работа. Само така би имало фидбек и позитивни резултати во работата. Во многу пракси во минатото работата под притисок и бирократиски протоколи се докажало дека не носи позитивни резултати, напротив создава само револт во работата. Можам да се пофалам дека во училиштето владее позитивна училишна и работна клима и колективот како училиште е сплотен во целина.