Фото: Ќе се реконструира Народната универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“

Откако ги покачи цените за своите услуги, некои од нив и за 100%, Народната универзитетска библиотека „Св.Климент Охридски“ ќе се реновира. Реновирањето, всушност нема никаква врска со поскапувањето на цените на услугите, со оглед на тоа што сретства за реновирањето ќе издвои владата.

Планот го обелодени министерката за култура Елизабета Канческа Милевска која беше во посета на институцијата. Се работи за санационен зафат во три фази. Нов покрив, електрична инсталација, водоводна мрежа, санитарен јазол, како и промена на ентериерот. Првата фаза ќе го опфати водоводниот систем и санитарниот јазол, кој во моментов е во многу лоша состојба, а истиот се очекува да биде саниран до јуни. За првата фаза, од буџетот се издвоени 5.2 милиони денари, по што ќе следува тендер за наоѓање на изведувач на вториот дел, односно реконструкција на кровот, која ќе чини 36 милиони денари.

Третата фаза ќе биде дотерување на библиотеката од внатре, односно реновирање на двете големи читални и административни простории. На реконструкцијата се чека од 2009-та година, кога беше најавена по повод пуштањето во употреба на дигиталната библиотека на 24 мај во рамки на прославата на патронатот на библиотеката.

Оригиналниот објект е дело на Петар Муличковски, изграден во 1971 година, специфичен по релјефите на фасадата кои се мотивирани од македонското културно наследство.